Разбиена ќелија на ИСИС, три лица осомничени за тероризам

1147

Приведените, како што потврдуваат од МВР, се повратници, односно лица кои веќе биле осудени за учество во странска војска, односно дека биле припадници на ИСИС

 

Три лица, еднаш веќе правосилно осудени на ефективни затворски казни заради нивно учество во странска војска, полиција паравоени или параполициски формации, од денеска се сомиичат дека сториле кривични дела: терористичка организација и тероризам.

Станува збор за лица кои се на возраст од 22 до 28 години, сите од Куманово. За разбивањето на оваа ќелија на таканаречената Исламска држава, денеска, со соопштение се огласија и Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство.

„Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал-Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против Б.А. (28) од Куманово, а кој престојува во Скопје, за сторено кривично дело терористичка организација, казниво по член 394-а став 1 и тероризам, по член 394-б став 6 в.в. став 1, како и против В. А. (22) и Е. Љ. (25), двајцата од Куманово, за сторени кривични дела терористичка организација, по член 394-а став 2 и тероризам, по член 394-б став 6 в.в став 1 од Кривичниот законик3, се вели во службеното обрсажање на МВР од каде и поѕбрда дека Б.А., В.А. и Е.Љ. се повратници, односно лица кои учествувале во странска војска.
Имено, на почетокот на минатата година, А.Б. создал терористичка организација во која членувале другите двајца споменати, како и уште неколку други лица. Нивната ќелија своја идеолошка подлога нашла во ИСИС, а намерата им била да извршуваат терористички напади во државава. За да го реализираат замисленото тие обезбедувале финансиски средства, а набавиле и поголема количина оружје, муниција и воена опрема, која ја сокриле во близина на локалниот пат село Биљановце – село Пчиња, на место викано „Менкова Колиба“.

„Како резултат на добиени оперативни сознанија и примена на оперативно тактички мерки на споменатата локација пронајдени се: пет автоматски пушки, пушкомитралез, 18 рамки за автоматска пушка со по 30 куршуми, рамка со 15 куршуми, три дрвени кундаци, дрвен кундак со механизам за испалување, три гранати за рачен фрлач со напис RD 40мм, пет запалки за гранати за рачен фрлач со осигурачи, две маскирни капи, две поткапи црна и сива боја, два пара маскирни ракавици, два тактички елеци, четири тактички елеци со маскирна боја, знаме со испишани арапски букви (ИСИС), марама со испишани арапски букви“, велат од МВР и дополнуваат дека биле извршени претреси на четири локации, односно на три во Куманово и една локација во Скопје, а дека по извршените претреси биле пронајдени и одземени два појаса рачно изработени исполнети со експлозив, метални кугли – лагери, монтирани на картонска подлога и две запалки од рачна бомба за активирање на појасите, две направи со жици од разна дебелина, две радиостаници, осигурач за експлозивна направа, лап-топ компјутер, девет мобилни телефони, пет СИМ картички, електронски уред со објектив, две USB-а, футрола за пиштол, маскирна облека, два ножа, две футроли за ножеви и автомобил „ауди А-3“.

Од обвинителството велат дека осомничените ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје и дека од него ќе биде побарано да изрече мерка притвор за сите тројца.

Спонзорирано