“Советот остави зад себе една успешна година, затоа што не само што ја следеше имплементацијата на Стратегијата за реформи од формален аспект, туку даваше и квалитативна оценка на чекорите што се преземаат.„
Министерството за правда при Владата на Република Северна Македонија го изработи првиот годишен извештај за имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор ( 2017 – 2022).
Ивештајот има за цел да го прикаже степенот на реализација на мерките и активностите предвидени со Акцискиот план на Стратегијата за периодот јануари –декември 2018 година.
Презентирајќи го првиот годишен извештај за имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор ( 2017 – 2022). министерката Рената Десковска ќе даде позитивна оценка за работата на Советот за реформи во правосудството:
„Советот остави зад себе една успешна година, затоа што не само што ја следеше имплементацијата на Стратегијата за реформи од формален аспект, туку даваше и квалитативна оценка на чекорите што се преземаат. Можам да кажам дека Советот длабински ги дебатираше законите што се во постапка. Ги слушнавме сите насоки што доаѓаат, сите изворни проблеми со кои се соочуваат судиите и обвинителите во пракса, рече министерката Десковска и потсети дека извештајот е веќе испратен во Европската унија за да согледа напредокот во реформите.
Поделен на три дела: Резиме, Збирен преглед на реализација и Преглед на реализации по оддели во стратегијата, извештајот дава точна и прецизна слика за сите активности кои биле превземени во насока на измени на закони или делови од закони, односно активности кои се предвидени со реформите во правосудството.
Во делот кој треба да ги резимира состојбите уште на самиот почеток се потсетува дека, во ноември 2017 година, Владата на Република Северна Македонија, усвои Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 со Акциски план, во насока на унапредување на судскиот систем во земјата врз основа на начелата на независност, непристрасност, одговорност, ефикасност и квалитет.
Заради следење на имплементацијата на мерките и активностите во истата Министерството за правда воспостави механизам за реализација и следење на истите во кој покрај претставници на Министерството за правда се вклучени и претставници на сите правосудни институции кои се опфатени со Стратегијата. Тие имаат задача, до Министерството за правда да доставуваат информации за прогресот на спроведувањето на активностите во нивна надлежност. На седниците на Советот, во минатата година, се разгледуваа и дискутираа бројни законски решенија. „Со оглед на фактот дека во роковите во Акцискиот план беа прилично амбициозно креирани, а потребата од сеопфатна реформа налагаше одредени законски решенија да бидат консултирани со меѓународни организации и експерти што доведе до значително одложување на реализацијата на мерките и активностите во Стратегијата, Министерството за правда изврши ревидирање на роковите во Акцискиот план на Стратегијата. Овој документ е подготвен согласно ревидираните рокови врз основа на кои ќе се имплементираат наредните мерки и активности предвидени во Стратегијата и АП. Акцискиот план на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор е структуиран во четири поглавја ( Стратешки цели на реформата во правосудството, Стратешко планирање и креирање политики, Правосудни институции и Реформи во посебни области). Во рамките на истите поглавја се предвидени вкупно 129 мерки кои ќе се имплементираат преку реализација на 228 активности“, се вели во резимето на Извештајот.
Заради подготовка на овој Извештај беше изработен детален збирен преглед на сите мерки и активности предвидени со Акцискиот план на Стратегијата.
Врз основа на тој преглед, од вкупно 227 активности предвидени со Акцискиот план, 23 се целосно реализирани, 61 активност се во тек, 3 доцнат, 22 активности се спроведуваат континуирано, 89 активности имаат подоцнежен рок на реализација, додека 29 активности зависат од претходно донесување на законски измени.
Прегледот на реализацијата по оддели во стратегијата, односно третиот дел од Извештајот започнува со стратешките цели на реформата во правосудството:
Во одделот кој говори за независноста и непристрасноста несомнено дека битна е стратешката насока: Утврдување законски критериуми за (не)вршење избор на дипломци од Акаденмијата за судии и јавни обвинители страна на Судскиот совет и од Советот на јавни обвинители.
За реализација на оваа стратешка насока, во собраниска процедура е предлог Законот за Судскиот совет на Република Македонија со кој се предвидува обврска за Судскиот совет на Република Северна Македонија да избира судија на основен суд редоследно според постигнатиот успех утврден во конечната ранг–листа по година на завршување на обуката, а кои се јавиле на огласот за судија.
„Со измените на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија усвоени од Собранието на РМ на 29. декември 2017 година („Службен весник на РМ“ бр.197/17) предвидена е обврска за секој член на Судскиот совет, јавно, на седница на Советот да ја образложи својата одлука за избор на судија и на претседател на суд и истовремено се составува записник од гласањето за одлуката кој јавно се објавува на веб–страницата на Советот.
Изготвени се измени и дополнувања на Законот за Совет на јавните обвинители, со кои се утврдува дека изборот на јавен обвинител во основно јавно обвинителство, Советот го врши поред постигнатиот успех на листата на кандидати доставена од Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), по годината на завршување на обуката. Сите одлуки на Советот мора да бидат образложени и објавени на веб страната на Советот на јавни обвинители.
Во предлог Законот за Судскиот совет на Република Македонија кој е во собраниска процедура се заоструваат условите за избор на членови на Советот од редот на судиите односно се бара кандидатот за член на Советот да има најмалку шест години судиски стаж.
Во предлог Законот за Совет на јавните обвинители се заоструваат критериумите за избор на член на Советот на јавните обвинители од редот на јавните обвинители. Имено за член може да биде избран кандидат со најмалку десет години стаж како јавен обвинител.
Со предлог законот за Судскиот совет, дефинирањето на терминот „истакнат правник“ се врши преку проширување на листата на лица кои може да бидат избрани за членови на Советот од страна на Собранието на РС Македонија и тоа со поранешни судии на Уставен суд и меѓународни судии. Врз основа на предлог законското решение членовите на Советот што ги избира Собранието, како и членовите што ги избира Собранието на Република Македонија по предлог на претседателот на Република Македонија, се од редот на универзитетски професори по право, адвокати, поранешни судии на Уставен суд на Република Македонија, меѓународни судии и други истакнати правници со најмалку 15 години работно искуство во правната професија со положен правосуден испит и кое во вршењето на правната професија се истакнало со научна или професионална работа или со свое јавно делување.
Со законот за изменување и дополнување на Законот за судовите е пропишана обврска со која надзор над примената на одредбите од Судскиот деловник врши Министерството за правда, без притоа да се наруши самостојноста и независноста на судската функција, согласно со Планот за надзор кој го донесува министерот за правда, најдоцна во декември во тековната година за следната календарска година. Надзорот го врши комисија формирана од министерот, составена од двајца претставници од Министерството за правда, дипломирани правници со најмалку 10 години стаж на правни работи по полагање на правосудниот испит и двајца информатичари обучени за функционалноста и начинот на работа на автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети. Со измените на Законот за судовите предвидена е одредба со која министерот за правда може, кога ќе оцени за потребно, во комисијата да вклучи и надворешни експерти за проверка на функционалноста на автоматизираниот компјутерски систем за управување со предметите во судовите, со што се апсолвираше и прашањето во однос на ангажирање на независни ревизори за подготовка на редовни годишни ревизии на функционирањето на АКМИС.
Во делот за квалитет се сублимирани прашањата за: : Воедначување на судската пракса, евидирање на критериумите за оценување на судиите и јавните обвинители и Редефинирање на критериумите за унапредување на судијата и јавниот обвинител, а стратешките насоки се во насока на: Укинување на електронското полагање на стручните испити и воведување на усно и писмено полагање на кандидатите пред стручни комисии, врз основа на мерливи и објективни критериуми за проценка на нивните знаења, Подготовка на анализа за евентуално креирање нова програма за посебна почетна обука за искусно долгогодишни практичари, како и за континуирани обуки за сите судии и јавни обвинители, Нови законски критериуми за состав на органите на управување и раководење на АСЈО, ункционален систем за пробација и други алтернативни мерки, Редефинирање на критериумите за избор судија–поротник и зголемување на надоместокот предвиден за нивната работа Развој на управувањето со човечки ресурси во правосудниот сектор.
Во делот од Извештајот кој говори за одговорноста внимание им е посветено на: Законски критериуми и постапка за утврдување индивидуална одговорност на членовите на ССРМ и СЈОРМ, ункционални и транспарентни механизми за одговорност на судиите, Функционални и транспарентни механизми за одговорност на јавните обвинители, Одделение во ЈО и Канцеларија на Народен правобранител за надворешна контрола за следење и разоткривање на пречекорувањата и злоупотребата на службените овластувања на полицијата, Градење култура и свест за сопствената лична и институционална одговорност во работата на судството и обвинителството, Кодекс за судска етика како законска категорија.
Извештајот детално ги обработува прашањата за ефикасноста, транспарентоста, пристапот до правдата, бесплсатната правна помош, извршувањето, нотаријатот и медијацијата.
Извештајот, во својот завршен дсл говори за Казнено-правната област, за Управно-правната, Граѓанско-правна и за Прекршочно-правна област.