ПРИВЕДЕН СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ

    3660

    Полицијата, утрово, по налог на Јавното обвинителство го приведе Стевчо Јакимовски, атуелен претседател на партијата ГРОМ и поранешен градоначалник на скопската Општина Карпош.
    Приведениот се уште е во полициска станица, но во скоро време тој ќе биде изнесен пред Судија на претходна постапка каде ќе му бидат предочени обвинувањата и доказите кои ги поседува обвинителството против него.
    Иако нема официјална потврда веќе се шпекулира дека Јакимовски е приведен за случај кој не се доведува во корелација со настанот од август мината година кога тој, за прв пат, беше повикан во кривичниот суд за да даде свое видување за обвинувањата кои против него ги изнесе Финанасиската полиција.
    Имено, Финансиската полиција го осомнични Јакимовски за злоупотреба на службената положба и овластувања. Со пријавата, освен Јакимовски беа опфатени уште четири лица, односно лицата М.Д., раководител на Секторот за јавни набавки, Н.Н. помошник раководител на Секторот за финансиски прашања, С.М. раководител на Одделението за норматива во правниот сектор и А.С., раководител на Одделението за сметководство.
    Злоупотребувајќи ја службената положба и овластувања Стевчо Јакимовски и неговите соработници им овозможиле на правните лица „Алконпроект“ од Тетово и „С.М. Компани“ од Свети Николе, да се стекнат со противправна имотна корист во износ од 33.789.441 денари, односно 2.845.234 денари, со што го оштетиле буџетот на општината Карпош вкупно за 36.634.675 денари.

    Спонзорирано