Обвинетиот Митко Чавков, во петок, за кога е закажано изрекувањето на пресудата за случајот „27. април“, ќе биде спроведен од затворот „Скопје“, во Шуто Оризари
Митко Чавков, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност и министер во Министерството за внатрешни работи, од вечерва е на издржување на мерка притвор во траење од 30 дена.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска попладне, до кривичниот суд, поднел предлог за определување мерка за Чавков, а поради постоење на основани сомневања дека тој се подготвувал да бега.
„По добиени сознанија и поради страв дека обвинетиот ќе се даде во бегство и ќе се крие со цел да ја избегне кривичната одговорност, Обвинителството побара од Основниот суд Скопје 1 – Скопје да му биде определена мерка притвор. Кривичниот совет го прифати предлогот на обвинителството и на обвинетиот со решение му определи мерка притвор, во траење од 30 дена“, се вели во скудното соопштение на Јавното обвинителство.
Митко Чавков е еден од обвинетите во предметот наречен „27. април“. За немилите настани кои се одиграа во републичкото Собрание, на 27 април 2017 година, веќе в петок ќе треба да биде изречена првостепена пресуда, а Чавков е еден од оние кои може да очеква висока затворска казна. Критичниот ден, Митко Чавков бил лидер на таканаречената „златна команда“, но тој не само што ништо не презема да го спречи дивеењето на толпата, уште и избегнувал да одговори на телефонските повици, како на загрозените пратеници, така и на своите подредени офицери кои не смееле да постапуваат без негова дозвола.
Ова е втор пат судот да му изрекува притвор на Чавков, кој стои зад претепувањето на невини граѓани кои, на петти мај 2015. година, спонтано протестираше поради убиството на младиот Мартин Нешковски, а потоа, речеси секојдневно тепаше, фотографираше и приведуваше лица кои протестираат.
( Љ.С.)