ПРИТВОРЕН АГИМ ИСМАИЛОВИЌ – САМОВОЛНО ГО НАПУШТИЛ СУДОТ

1206

Обвинетиот Агим Исмаиловиќ, кој денеска беше на судењето за случајот наречен „Монструм“, а потоа самоволно го напуштил судот и судницата, од попладнево е во затворот „Скопје“, откако полицијата го пронашла во неговиот дом.
Се верува дека Исмаиловиќ си заминал дома, откако обвинителката Фатиме Фетаи за него побара изрекување на мерка притвор. Притвор има и за обвинетиот Фејзи Азири, но тој е веќе во затворот „Шутка“ за друг случај.
Освен споменатите, за петкратното убиство кое се слуичи кај Железарско односно Смилковското езеро, кога беа убиени младите Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски и Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, обвинети се и Хаки Азири, Сами Љута, братот на Агим, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, но последните двајца се кријат на Косово, каде едно време, за друг случај, издржуваа затворска казна.
Масакрот кај Смилковци се случи 12 април 2012 година. Со првата пресуда само еден од обвинетите беше ослободен од вина, а другите беа осудени на казна доживотен затвор, но таа пресуда беше укината и тие беа ослободени од натамошно издржување на казната, а предметот беше вратен од почеток.

Спонзорирано