Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, косовски државјанин.
За лицето постои основано сомнение дека сторило кривично дело „криумчарење мигранти“, предвидено и казниво по член 418-б став 4 во врска со став 2 од Кривичниот законик. Во текот на вчерашниот ден, осомничениот пеш ја поминал македонско – косовската граница и по добиените насоки од непознато лице, го преземал патничкото моторно возило “форд транзит” и тргнал по автопатот А1 во правец кон Гевгелија. На непознато место пресретнал група мигранти кои претходниот ден илегално влегле во земјава, ги прифатил и тргнал во насока кон Скопје.
На знак да застане од страна на полициски мешовит тим, осомничениот продолжил со зголемена брзина и кај клучката кон село Смоквица го напуштил возилото со мигрантите и побегнал. Полициските службеници во возилото пронашле 58 мигранти од Пакистан и Сирија, меѓу кои имало и седум малолетни лица.
Подоцна осомничениот е пронајден во близина на село Миравци и лишен од слобода. Ценејќи дека се исполнети условите, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка достави предлог за определување притвор за осомничениот. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.
Притвор за Косовец што криумчарел 58 мигранти
Спонзорирано