ПОВЕДЕНА ИСТРАГА ЗА ГОЛЕМА ГРУПА КОЈА КРИУМЧАРЕЛА МИГРАНТИ

205

Јавното обвинителство иницира истражна постапка за 11 лица, како и подготвителна постапка за двајца малолетнив, откако беше реализирана полициска акција со цел пресекување на канал за криумчарење на илегални мигранти.
Имено, како што информираат од Обвинителството, полицијата спровела акција на повеќе локации во Општина Гази Баба и Општина Студеничани и притоа од слобода биле лишени девет лица меѓу и двајца малелетници, а се трага по уште две други лица. Меѓу осомничените се и еден полициски службеник, како и две лица кои се на издржување на казна затвор за криумчарење на мигранти.
За сите осомничени ќе се води постапка за сторено кривично дело: Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти од член 418-в и Криумчарење на мигранти од член 418-б од Кривичниот законик.
Како што наведуваат од Обвинителството, од мај до октомври оваа година, првоосомничениот заедно со три неидентификувани лица, инаку странски државјани, со потекло од арапските земји, а кои повремено престојувале во нашата држава, се здружиле и организирале меѓународна криминална група, како дел од меѓународна криминална мрежа, за илегално пренесување на групи мигранти.
„Во посочениот временски период, во повеќе наврати опишани во наредбата, осомничените заради стекнување имотна корист организирале илегално пренесување на мигранти од Авганистан, Пакистан, Сирија, Кашмир и Индија. Мигрантите, меѓу кои имало и малолетни лица, преку илегални премини таканаречената ‘зелена граница’, во околината на Гевгелија, Демир Капија и кумановско-липковскиот регион, биле пренесувани од Грција и Србија на територијата на Северна Македонија, а потоа со помош на водичи таканаречени ‘качаци’, координирано биле носени на претходно утврдени и договорени локации од каде осомничените припадници на групата ги прифаќале и со патнички моторни возила ги превезувале до претходно договорените локации, а потоа илегално ги пренесувале од територијата на Србија кон државите на ЕУ. Активностите за криумчарење се одвивале на тој начин што, првоосомничениот како организатор на претходно договорен и воспоставен начин преку телефонска и интернет комуникација, заедно со НН организаторите од арапските земји, го планирал и договарал бројот на мигрантите кои ќе бидат пренесени на територијата на РС Македонија, локацијата, времето, како и за местото каде се наоѓале мигрантите подготвени за прифаќање и понатамошно превезување. Заради засилените полициски патроли и контроли на подрачјето на Гевгелија и на Демир Капија, „качаците“ преку мобилните интернет апликации, им испраќале пораки со GPS координати на организаторите за моменталната локација, кои понатаму организаторите ги споделувале со припадниците на групата„, се вели во соопштението на Јавното обвинителство и во кое се појаснува дека заради успешното криумчарење, на првоосомничениот, преку агенти за брз трансфер на пари Western Union и Ria, како и на „рака“ му биле исплаќани парични средства кои тој понатаму ги распределувал помеѓу припадниците на организираната криминална група во зависност од нивната улога во криумчарењето.
За да крумчарењето биде успешно на помош се ставал полицискиот службеник, кој, пак, обезбедувал информации за местото и времето каде ќе нема полициски контроли, патроли или заседи. Со ваквиот начин на работење групата успела да прокриумчари најмалку 86 мигранти.

Спонзорирано