Поранешен градоначалник на Чашка обвинет дека ја оштетил општината за 1,3 милиони денари ​

341

Основното јавно обвинителство – Велес поднесе обвинителен акт против поранешен градоначалник на Општина Чашка за кривично дело: злоупотреба на службената положба и овластување, односно дека со искористување на службената положба предизвикал штета во висина од 1.357.826 денари или за 20.000 евра .
Сега обвинетиот, според велешкото обвинителство, на 17. декември 2015 година, во име на општината склучил договор со Агенцијата за финансиска поддршка
на земјоделството и руралниот развој, за исплата и користење на средства во висина од 14.486.226 денари од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, а наменети за реконстуркција на делницата од локалниот пат од село Мокрени до место викано „Теовски уши“. Вкупниот потребен износ средства за реконстуркција на патот изнесувал 17.093.747 денари, со вклучен ДДВ, а тој паѓал на товар на општината. На 10. декмврри 2015 година, сега обвинетиот, во име на општината, а по спроведена постапка, склучил договор за јавна набавка на работи со ГД „Изгрев инженеринг ДООЕЛ Велес“ и извршил уплата на аванс во висина од 2.897.245 денари.
Откако изведувачот ги завршил градежните работи и доставил завршна ситуација на градбата, обвинетиот како градоначалник бил должен да изврши уплата на целиот долг, но иако согласно одредбите од договорот со Агенцијата, било забрането општината како корисник на средства од Агенцијата за финансика поддршка на земјоделството и руралниот развој да врши нивна пренамена, обвинетиот од доделените наменски средства за реконстукција на патот уплатил 5.777.855 на изведувачот, а останатите средства во висина од 5.315.369 денари ги искористил за подмирување на други тековни обврски на општината. Поради ненаплатен износ, за извршените работи, во висина од 8.418.288 денари, изведувачот повел постапка за присилна наплата на побарувањето. Во текот на извршната постапка, покрај основниот долг, биле наплатени и трошоци за извршување, за адвокатски услуги и за камата за задоцнето плаќање, за кои заклучно со 25. април 2018 година од сметката на Општината Чашка биле повлечени средства во износ од 1.357.826 денари.
Иако од Обвинителството не соопштуваат за кој градочалник се однесува обвинението, сепак, може да се заклучи дека се работи за Горанчо Пановски. За Пановски, во мај минатата година, беше поднесена кривична пријава, бидејќи во периодот од 2013 до 2017 година, доволил, со договори на дело, времено да се вработат 40 лица во Општина Чашка, иако општината немала потреба од вработување. Обвинувањата упатени на смета на екс – градоначалникот одеа во насока дека лицата кои биле вработени не доаѓале на работа, не биле потпишувани во евидентните списоци, а договорите им се продолжувале секој месец и им се исплатувал надомест.

Спонзорирано