ПОРАДИ ИЗМАМИ СУДОТ ЈА „ЗАМРЗНА“ СМЕТКАТА НА ФОНДАЦИЈАТА „ДОПИР“ СО 3,5 МИЛИОНИ ДЕНАРИ

    1394

    Иако била формирана за собирање на донации за помош на деца со посебни потреби и ретки болести двајцата основачи средствата ги користеле за лични потреби

    Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР до скопското Јавно обвинителство поднело кривична пријава за две лица поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело: компјутерска измама, согласно член 251-б од Кривичниот законик на Репубика Северна Македонија.
    Како што потврдуваат од МВР, станува збор за лицата М.Ш. (53) и А.Ш. (49) кои, со намера да се стекнат со противправна имотна корист формирале Фондација “Допир“ и креирале веб страна ( https://bidihumansega.mk/), која активно работела на собирање средства за помош на деца со посебни потреби и ретки болести.
    „Од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, утврдено е дека регистрант на веб страната (https://bidihumansega.mk/) е лицето М.Ш., кој е и претседател на лажната фондацијата“, велат од МВР и додаваат: „Во рамки на спроведената истрага, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика изврши низа проверки, меѓу другото и околу тоа дали лицата, односно корисниците на веб страната за кои се собираат донации, евидираат во системот на Министерството за внатрешни работи и притоа констатирано е дека поголемиот дел од корисниците не постојат, односно креирани се измислени, лажни, фиктивни профили преку кои веб страницата собирала донации и парични средства“.
    Полициската истрага покажала дека заклучно со минатата среда, односно до 27. март, собрани биле 3.531.199 денари или повеќе од 50.000 евра.
    По извршена анализа на банкарските сметки било констатирано дека од собраните средства сега пријавените повлекувале пари за лични потреби.
    На 27. овој месец, а по претходно обезбедена судска наредба извршен е претрес во деловни простории, во стан во Скопје, и притао биле пронајдени голем број докази кои упатуваат на заклучокот дека М.Ш. и А.Ш. свесно вршеле внесување на невистинити податоци и фотографии од деца кои биле предмет за собирање на парични средства, а по основ на донации, и со тоа довеле во заблуда голем број на граѓани и правни лица кои донирале парични средства.
    Со Наредба од Судија за претходна постапка од Основен Суд Скопје I – Скопје, паричните средства од фондацијата се замрзнати.

    Спонзорирано