Осум месеци по грозоморното, тројно убиство во Дебар, Јавното обвинителство во Гостивар поднесе обвинителен акт со кој се опфатени три лица кои ќе одговараат за кривично дело: убиство, односно помагање при извршување на споменатото дело. За насилната смртта на 54-годишниот Амит, една година помладата сопруга Назмије и нивната 14-годишна ќерка Анила Поцеста, ќе одговара нивната постара ќерка и уште двајца нејзини пријатели.
„По сеопфатна истражна постапка, Обвинителството обезбеди докази дека првообвинетата сторила кривично дело: убиство од член 123 став 3 од Кривичниот законик, додека другите двајца обвинети за помагање при извршување на истото кривично дело.“ – велат од Јавното обвинителство.
На 26. август 2018 година, во семејната куќа во Дебар, обвинетата, пукајќи од непосредна близина со пиштол, со калибар 7,65 милиметри, најпрвин ги лишила од живот сопствените мајка и татко, а потоа и малолетната сестра. Другите двајца обвинети со умисла и помогнале во извршувањето и прикривањето на кривичното дело.
Од Јавното обвинителство велат дека досегашниот тек на истрагата потврдила дека само еден ден пред да биде извршено трикратното убиство, обвинетата телефонски контактирала со второобвинетиот, а потоа, во Гостивар, остварила средба со него, а тој, пак, изнајмил возило и заедно се упатиле кон Дебар, со намера да набават оружје. Некаде во близина на градската болница во Дебар тие се сретнале со сега третообвинетиот кој им обезбедил пиштол и рамка со пет куршуми.
Откако ги лишила од живот членовите на сопственото семејство обвинетата заминала за Струга каде се сретнала со второобвинетиот. Нему му ги предала клучевите од изнајменото возило, а таа со такси заминала за Скопје, однмосно се упатила кон аеродромот, од каде заминала за Италија. Полицијата долго време по злосторството кое се случи во куќа, лоцирана на улицата „Први мај“, инаку сопственост на времено иселеното семејство Поцеста го бараше мотивот за извршување на ова злосторство, но се потврди сомнежот дека извршител е близок член на семеството.