ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗАМРЗНА ИМОТ ПОВРЗАН СО ПРЕДМЕТОТ „ИМПЕРИЈА“

766

Со шестте заплени најмногу на удар се најде е екс директорот на некогашната УБК, Сашо Мијалков кому му се замрзнуваат уделите во хотелот „Мериот“, но и апартмани и гаражи

Во рамки на истражната постапка која се води за предметот наречен „Империја“, а која е во завршна фаза, Јавен обвинител во текот на вчерашниот и денешниот ден, а ценејќи дека се исполнети законските претпоставки од чл.202 став 1 од ЗКП, за времено одземање на имот, до скопскиот кривичен суд доставил шест барања за определување на привремена мерка: забрана за оттуѓување и располагање со недвижен имот.
Како што велат од Обвинителството, барањата се резултат на постоење на основано сомневање дека имотот потекнува од кривично дело и дека до крајот на кривичната постапка ќе биде особено отежнато или оневозможено неговото одземање. Дотолку повеќе што од прибраниот доказен материјал произлегува дека предложениот имот е имот што е пренесен на трети лица за да се прикрие неговиот вистински сопственик. Имено, станув збор за мерка со која се определува забрана за оттуѓување и располагање удел во Друштвото за производство, трговија и услуги „ДИВЕЛОП ГРУП ДОО“, а кое е сопственик на правното лице „Хотел Гранд М ДООЕЛ“, удел на физичко лице од 67,5 отсто во споменатата „Дивелоп Груп“, удел, односно основачки влог од 32,5 отсто, што го поседува фирмата „БЕСТ ВЕЈ ИНВЕСТМЕНТ“ во „Дивелоп груп“, недвижен имот евидентиран на „БИЗНИС ПРОПЕРТИ ИНВЕСТМЕНТ“, во висина од 58.282.500 денари, во вид на апартмани со површина од 720 мметри квадратни и гаражи со површина од 92 метри квадратни. Со мерката се опфатени и хартии од вредност, односно 7.213 акции, кои фирмата „ЕКСИКО ДООЕЛ“ ги поседува во „Стопанска Банка А.Д. Битола“. Акциите се со номинална вредност од 3.000 за акција, а „замрзнати“ се 21.639.00 денари. На удар на Обвинителството е и недвижниот имот, односно деловен простор во градба лоциран на скопскиот плоштад „Македонија“, како и евидентиран во лист за предбележување издаден на носителот на правото на сопственост на „СИС ИНВЕСТ ГРУП“, со површина од 566.41 метри квадратни, вредни 1.699.241 евра.
„Судија на претходна постапка ги прифати барањата и со Решение определи привремени мерки со кои се забранува располагање, заложување и оттуѓување на имотот по каков било правен основ. Привремените мерки согласно закон може да траат најдолго до завршување на кривичната постапка пред првостепениот суд или да бидат укинати по службена должност“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство од каде и појаснување дека мерките стапуваат на сила веднаш, како и тоа дека заплената на имотот е прибележана во Централниот регистар на РС Македонија и во Агенцијата за катастар на недвижности – Центар за катастар на недвижности Скопје.
Од Обвинителството и потврда дека оваа заплена не е конечна, односно дека не се исклучуваат и нови слични потези.

Спонзорирано