ОБВИНИТЕЛСТВО: НЕМА ТРГОВИЈА СО НОВОРОДЕНЧИЊА!

    963

    Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по сеопфатно проучување на обезбедена документација, како и од известувањата од надлежните органи, а во врска со наводна трговија со здрави новороденчиња, донел одлука со која се констатира дека нема место за поведување на кривична постапка.
    Како што е познато Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, во декември минатата година, а по информации пласирани во одредени медиуми, отвори предмет по допрен глас. Имено, тие медиуми своите сознанијата му ги презентираа на Народниот правобранител, односно обвинија дека, наводно, постои основано сомнение дека организирана криминална група, во еден подолг временски период, се занимава со трговија со здрави новороденчиња. Тие тврдеа дека на биолошките родители веднаш или кратко време по раѓањето на новороденчињата им се кажувало дека бебињата се починати, а всушност тие биле продавани.
    По дејствијата преземени од страна на надлежен обвинител и врз основа на прибраната документација и побараните известувања од Народниот правобранител, Министерството за труд и социјална политика и Првата детска амбасада „Меѓаши“, произлезе дека во конкретниот случај нема докази, ниту индиции за постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело за кое се гони по службена должност.

    Спонзорирано