Обвинение за запуштање на три деца во Велес

839

Основното јавно обвинителство – Велес поднесе до Основниот суд во градот обвинителен акт против две лица – жена на возраст од 38 години и маж на возраст од 46 години. Тие сториле по три кривични дела – „запуштање и малтретирање на дете“ од член 201 став 1 од Кривичниот законик. Обвинетата како мајка на децата на возраст од четири години, две години и една година, а обвинетиот како татко на детето на возраст од една година не го заштитиле животот и здравјето на децата што е нивна должност согласно одредбите од членовите 44 и 46 од Законот за семејство.
Воедно, обвинетиот како очув на другите две деца исто така бил должен да се грижи за нив со оглед на тоа дека живееле заедно и имал заштитничка позиција спрема нив, но не го заштитил нивниот живот и здравје. Двајцата обвинети на 20 јуни 2018 година грубо ја запоставиле својата должност за грижа и воспитување и ги запуштиле трите деца така што подолго време од денот ги оставиле децата сами во куќата во која живееле, а која ја сочинувала само една просторија.
Се работи за деца кои според својата возраст не можеле да се грижат сами за себе. Со тоа што ги оставиле сами во куќата обвинетите постапиле крајно несовесно и не воделе сметка за нивниот живот и нивното здравје. Во временскиот период во кој децата биле оставени сами, во куќата избувнал пожар во кој сите три деца го загубиле животот.

Спонзорирано