Основното јавно обвинителство во Велес поднесе обвинителен акт против лице на 60-годишна возраст од Богданци за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик. Обвинителството со поднесување на обвинението во Основниот суд Велес достави и предлог за продолжување на определената мерка притвор, бидејќи се уште постојат основите поради кои е определен. – Обвинетиот на 11 октомври минатата година, околу 20.30 часот, под дејство на алкохол од 2,97 прoмили во крвта, во дворот од својата куќа во Богданци со умисла се обидел да го лиши од живот оштетениот со кој заедно дента консумиралe алкохол.

Обвинетиот го удрил оштетениот со тупаница во задниот дел на главата, па откако го турнал на земја, подигнал дрвен стол и неколкупати го удрил оштетениот во пределот на главата. Од ударите му нанесол тешка телесна повреда со конкретна опасност по животот – се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.

Спонзорирано