Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе oбвинителен акт против едно лице кое се товари дека сторило кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот неовластено заради продажба набавил поголемо количество наркотична дрога – хероин и кокаин, ја однел во својот дом во скопското село Синѓелиќ и ја препакувал во помали количества со намера да ја пушти во продажба. При извршениот претрес на неговиот дом на 7 март била пронајдена и одземена наркотична дрога кокаин со вкупна нето маса од 269,41 грама, како и наркотична дрога хероин со вкупна нето маса од 90,9 грама.
Притоа била пронајдена и дигитална вага и други предмети со остатоци од наркотична дрога. Согласно член 98 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител му предложи на судот од обвинетото лице да се конфискува посредната имотна корист – парични средства и тоа вкупно 350 евра и 64.000 денари во различни апоени, бидејќи имотната корист произлегува од недозволена активност на обвинетиот.
Со оглед на тоа што се работи за лице кое досега повеќепати е осудувано, а имајќи го предвид видот и карактерот на кривичното дело, висината на пропишаната казна и начинот на извршување, надлежниот јавен обвинител ценеше дека се исполнети законските основи на обвинетиот да му биде продолжена претходно определената мерка притвор. Затоа до Основниот суд Скопје 1 е поднесен и предлог за продолжување на притворот, поради опасност обвинетото лице да се даде во бегство, да го повтори кривичното дело или да влијае на кривичната постапка.