Неисправни сопирачки и голема брзина – главни причини за несреќата кај Ласкарци

231

Неисправните сопирачки на автобусот и неприлагодената брзина, односно возење над дозволената брзина, се главните причини за несреќата кај Ласкарци, во која загинаа 15 лица, главно од Гостиварско. Еден месец по трагедијата, од Основното јавно обвинителство – Скопје соопштија дека повеле постапка против седум лица, кои се приведени во полициска станица.
Јавниот обвинител Сашо Рајчев денеска на прес-конференција рече дека ОЈО ќе побара притвор за шестмина и мерки на претпазливост за еден од осомничените.
-Вештачењето покажа дека главна причина за несреќата се неисправноста на уредите за сопирање на автоубост и поголемата брзина на возење над дозволената поради што возачот изгубил контрола врз автобусот. Возачот возел 99 километри на час, а дозволената брзина е 80 километри, рече Рајчев. Тој додаде дека вештачењето покажало оти возачот не користел мобилен телефон за време на несреќата.

-Од денот на несреќата до денес се води интензивна истражна постапка. Истрагата покажа дека сопирачките биле неисправни и иако тоа било увидено на техничкиот преглед во јули 2018 година му било дадена дозвола за работа. Истото, и покрај неправилностите било направено и при техничкиот прием во декември 2018 година. Дополнително е утврдено дека е манипулирано со тахографот со што не се покажувала реалната брзина на возење. Возачот тој ден возел со 99 километри на час. За возила над 3 тони дозволена брзина е 80 километри на час. Автобусот е тежок 15 тони, рече Рајчев.
Приведени се седум лица, меѓу кои се сопственикот на компанијата „Дурмо турс“ и возачот на автобусот и вработени во службата за технички преглед.
Несреќата се случи на 13 февруари кога автобусот на „Дурмо турс“ со 51 патник излета од патот Тетово-Скопје и падна во провалија откако ја проби заштитната ограда на автопатот. Во несреќата загинаа 15 лица, а 39 беа повредени.