Што ќе најдат антикорупционерите кога ќе го проверуваат имотот на петте судии кои беа дел од прислушкуваните разговори? Имотната листа на поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1, а сега судија во Одделот за прекршоци, Владимир Панчевски е најдолга. Тој има девет стана и една куќа, за кои Панчевски пријавил дека вредат скоро половина милион евра. Два стана се во сопственост на неговите родители, а за сите други Панчевски во анкетниот лист напишал дека ги наследил. Освен тоа, во наследство добил и три градежни парцели и деловен простор.
Во банкарски сеф тој и неговите родители чуваат 60 илјади евра, а неговите деца во банка имаат заштеда од 50 илјади евра. Панчевски вози автомобил БМВ и скутер. Покрај заштедите поранешниот претседател нашишал и дека зел кредит од 360 илјади евра.
Долга е листата со имотот и на актуелниот претедател на Врховниот суд Јово Вангеловски, кој беше изненаден што антикорупционерите веднаш излегле во јавност со најавата дека ќе го проверуваат неговиот имот.
Вангеловски има четири стана, деловен простор, градежно и земјоделско земјиште, уметнички слики, скапи часовници и накит. Во банка има и кредити. Вози мерцедес хибрид вреден 60 илјади евра. Покрај тоа има уште три автомобили, Лексус, Тојота, Крајслер. Вангеловски поседува акции, има приходи и од дивиденти и кирии.
Софија Лаличиќ која во бомба се слушна како разговара со ексдиректорот на УБК Мијалков непосредно пред нејзиниот избор за судија, вози Нисан, има стан во Скопје, поседува акции за кои не ја навела вредноста. Има и заем од 8 илјади евра. Нема податок за состојбата на нејзината трансакциска сметка.
Имот на поранешната претседателка на Судскиот совет Александра Зафировска, не е јавно достапен.
Судијката од Вишиот Управен суд Светлана Костова, пак, пријавила кредити, стан во Скопје и автомобил Тојота Аурис. И таа во бомите разговараше со ексдиректорот на УБК за уплата на провизија од набавка на израелска опрема за прислушување.
За сите овие пет судии Стејт Департментот во извештајот за човековите права нашиша дека дозволиле политиката да се меша во судството.