Водителката Лила Филиповска денеска повеќе од еден час беше на распит во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во врска со итрагата за случајот „Рекет“.
Од Обвинителтвото за МИА изјавиле дека Филиповска била повикана да даде потребни известувања.
Таа на излегување од Обвинителството не сакаше да даде изјава за медиумите. На новинарските екипи им испрати бакнеж со зборовите „чао друштво“.
Според информациите во периодот по откривањето на аферата „Рекет“, Филиповска, била меѓу сопатниците на Бојан Јовановски – Боки 13, кога тој беше уапсен на границата со Грција и донесен во Кривичниот суд во Скопје, по што му беше одреден притвор. За „Рекет“ осомничени и во притвор се и Зоран Милевски – Кичеец и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Во Обвинителството за организиран криминал и корупција денеска дојде и бизнисменот Силјан Мицевски, сопственик на градежната фирма „Пелистер“, инаку поранешен градоначалник на Битола, кој сега е почесен конзул на Србија во земјава.
Мицевски, кој по вторпат е повикан во Обвинителството, треба да даде појасување за парите кои наводно ги уплатил на сметката на пензионерка од Скопје наместо на Меѓународниот сојуз на Боки 13.
На влегување во Обвинителството, Мицевски изјави дека парите не биле уплатени на сметка на пензионерката Тодоровска, туку на сметката на Меѓународниот сојуз. Тој најави дека ќе бара парите да му бидат вратени.