КРИВИЧНА ИСТРАГА ЗА СЕДУМ ЛИЦА ЗА ИЗМАМА ВО СЛУЖБАТА

1215

Она што засеега е извесно е дека меѓу осомничените се и управителите во „Електрани на Македонија“, Мирослав Митровски и Игор Гиевски. Второспоменатиот на пошироката јавност и е познат како поранешен претседсател на младите на ВМРО-ДПМНЕ и како зет на екс обвиителката и уставната судијка, Елена Гошева

Скопското јавно обвинителство ја прифати пријавата поднесена од Управата за финансиска полиција и отвори кривична истрага за седум лица. Како што потврдуваат од Обвинителството двајца од осомничеите се сомничат дека како соизвршители сториле кривично дело „Измама во службата“, од член 355 став 4 во врска со став 3 во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик, а другите петтемина се товарат дека сториле кривично дело „помагање при извршување на кривичното дело“.
Она што засега е извесно е дека двајцата кои се сомничат за измама во службата се Игор Гиевски и Мирослав Митровски, управители во „Електрани на Македонија“, а нивните помагачи се лица од Делчево кои за сметка на споменатите се јавуваат како сопствениви на недвижен имот на коишто ЕВН требало да изгради фотонапонски волтаици.
„Во текот на 2021 година, првоосомничениот и второосомничениот, во својство на управители – одговорни лица во правно лице, заеднички, со намера за друг да прибават противправна имотна корист, ги довеле во заблуда членовите на Управниот одбор на оштетено правно лице, а потоа и овластеното лице во правното лице да извршат незаконита исплата. Во постапка за купување на недвижен имот – земјиште со намена за изградба на фотонапонски волтаици, двајцата осомничени не ги почитувале и ги заобиколиле интерните постапки и не ги извршиле неопходните претходни проверки кои што биле должни да ги извршат. Притоа, намерно исклучиле дел од вработените лица кои поради нивната стручност било задолжително да бидат вклучени во постапката, а на дел од вработените им дале директни наредби и насоки за изготвување на cost benefit анализи за исплатливоста на инвестицијата, вметнувајќи невистинити податоци и прикривајќи ја реалната состојба. Врз основа на лажните податоци од анализите за исплатливост, изготвени по наредба на двајцата осомничени, купопродажбата била оценета како погодна, па на 15.09.2021 година надзорниот одбор на правното лице донел одлука – Одобрение за купување на недвижниот имот“, се вели во соопштениетго на Јавното обвинителство и притоа се појаснува дека со така преземените дејствија Митровски и Гиевски влијаеле да бидат одобрени изготвените невистинити анализи од страна на доминатниот акционер во компанијата и да се реализира инвестицијата за купување на 48 катастарски парцели во Делчево, Ветрен, Габрово и Берово, а дури 29 биле во сопственост на останатите осомничени.
Како што појаснуваат од Обвинителството осомничените најнапред ги стекнале парцелите со формални договори за подарок, иако се работело за продажба, бидејќи за трансакцијата ним им биле исплаќани парични средства, но само така можеле да ја избегнат обврската за достава на писмена понуда или објава на јавен оглас за земјиштето.

Инаку, дел од катастарски парцели не ги исполнувале критериумите за пренамена од земјоделско во градежно земјиште, а друг дел не исполнувале услови согласно објавените критериуми наведени во јавниот објавен оглас за доделување на право на користење премии за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали објавен од Министерството за економија. Па, сепак, купопродажбата се реализирала со склучување на купопродажни договори помеѓу ЕВН од една и четврто, пето, шесто и седмоосомничениот од друга страна, а третоосомничениот, пак, бил во постојан контакт со осомничените и помагал околу лоцирање на недвижностите.

Правното лице, врз основа на склучените договори, за земјоделско земјиште од 5, 6, 7 и 8 класа, со вкупна проценета пазарна вредност од 2.146.723 денари или 35.000 евра, на продавачите им исплатило парични средства во вкупен износ од 99.431.060 денари или нешто повеќе од 1,5 милиони евра. Имено, разликата помеѓу исплатената сума и реалната вредност на парцелите изнесува околу 97.284.337 денари и претставува значителна имотна корист што ја оствариле осомничените.

Поради постоење на опасност од влијание врз сведоци, вешти лица, соучесници и прикривачи, Обвинителството за шестмина бара од Судија на претходна постапка да им изрече мерка притвор, а за една осомничена биле предложени мерки на претпазливост: забрана за напуштање на местото на живеење, обврска да се јавува на определено службено лице, одземање на патна исправа и издавање нова, забрана за приближување или одржување контакти со одредени лица.​

Спонзорирано