ЈОВО ВАНГЕЛОВСКИ ПОВТОРНО МЕЃУ СТРАЗБУРЖАНИТЕ

763

Европскиот суд за човекови права утврдил одредени недоследности во случајот на поранешниот претседател на Врховиот суд. Тоа е истиот оној суд кој изрече пресуда со која Македонија го изгуби процесот од Јордан Митриновски, а кој беше разрешен од функција токму по иницијатива на Јово Вангеловски.

Љубиша Станковиќ

Читам деновиве еден ферман посветен на „ликот и делото“ на Јово Ваглеловски. Како читам така очите ми се полнат со солзи. Едвам се воздржувам на не се расплачам. Авторот на „одата“ навистина се потрудил на долго и на широко да ни (рас)каже како Вангеловски е жртва на правосудниот систем, односно какви забелешки во неговиот случај констатирал Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).
Вангеловски не ми е таргет. Немам ништо лично против човекот, ама да тврдиш дека тој е жртва на системот, а притоа да забораваш дека тој го чинел тој и таков систем е навистина малку – премногу.
Да не знаев кој е автор навистина ќе се убедев самиот себеси дека сето што она што е напишано во најмала рака е чиста вистина и дека се работи за човек со одлични познавања во правосуството. Но, токму поради тоа што знам дека во текстот има се’, само не и тоа дека Јово Вангеловски со години наназад ведреше и облачеше во судството ќе си дадам за право да потсетам на дел од „сработеното“ на споменатиот, како претседател на Врховниот суд на РСМ и тоа во два наврата.
Пред да кажам нешто поинаку за Вангеловски само ќе потсетам на одлуката на тогашниот состав на Советот кој му го укина притворот на Сеад Кочан. Се работи за лице кое беше обвинето (а подоцна и осудено) за узурпација на 17,4 милиони евра државни пари, односно за човек кој првиот слободен момент го искористи за да замине на „службен пат“ кој траеше неколку месеци. Немам ниту волја ниту желба да навлегувам во сферата на политичките игри, ама кога веќе се зборува за Вангеловски редно е да се каже дека на неговото име „се лепи“ еден интересен прекар кој верувам дека многу зборува за честа и чесноноста на дотичниот.
Искрено, не знам дали ЕСЧП констатирал дека на Вангеловски му било суспендирано правото на жалба, ама, пак, чуму жалба кога, нели, се работи за чесен човек?
Не ми е познато дали авторот на одата за Вангеловски слушнал дека пред само еден месец тој беше правосилно осуден заради сторени злоупотреби на службената положба и овластување? А Вангеловски беше осуден на една година и шест месеци затвор, казна која нема да се изврши доколку во следните четири години не стори ново кривично дело. Е сега, дали ќе стори или не тоа е веќе негова работа, но факт е дека делото заради кое е осуден го сторил со неговото самоволое, кога на колешка од Врховниот суд решил да не и’ се исплати тоа, што како и нему и на сите други судии, реално и припаѓа. Но, ајде што Вангеловски противзаконски и’ ги скрати парите на судијката Лидија Неделкова уште и поведе постапка за нејзино разрешување и тоа во Судскиот совет, во кој и самиот тој членуваше.
Не сум сигурен дали беше тоа истиот состав на Судскиот совет кој решаваше и за случајот на поранешниот претседател на Апелациониот суд во Скопје, Јордан Митриновски, но тоа и не така битно. Она што е битно е дека Вангеловски и тогаш беше член на Судскиот совет и истиот тој (повторно) беше иницијатор за разрешување на Митриновски од функцијата претседател на скопска Апелација!
Јово Вангеловски, се разбира, гласаше „за“ разрешување, а „вината“ на Митриновски беше во тоа што Апелација му го заменила притворот со куќен притвор на кумановецот Бајруш Сејдији. Секаква споредба со одлуката која ќе ја донесе Вангеловски и советот на Врховниот суд за Сеад Кочан е неумесна и навредлива.
И тамам да кажам нешто убаво и пофално за Вангеловски се сетив дека истиот тој Јордан Митриновски беше првиот кој ја победи Република Македонија во судот во Стразбур! Имено, Европскиот суд за човекови права не само што пресуди во корист на Митриновски и со тоа ја потврди неговата чесност и исправонст, туку и наложи тој да биде вратен на старата работна позиција. „Пеналите“ кои државата ќе ги плати одат на контото на Вангеловски, но тој нема да плати ништо од сопствениот џеб, а вината е само негова….
Треба ли да потсетам дека сите го слушнаа Јово Вангеловски како, преку телефон, со активен политичар од тогашната власт, договара судски предмет или можеби треба да спомнам дека само тој (и Владимир Панчевски) беше посочен како претседател на суд кој го злоупотребил АКМИС системот? Демек, сите други претседатели на судови биле глупави, само тој умен па не му требал електронско доделување на предмети за работа? Кој знае? Можеби е така?!
Искрено, со големо нетрпение ја чекам одлуката на Европскиот суд за човекови права, по поднесената апликација на судијката Неделкова. Јас сум убеден дека и таа ќе докаже дека била незаконски разрешена, и тоа повторно по иницијатива на Вангеловски. Ова, не дека држам страна, туку само сакам да се знае кој како работел и што работел. И не верувам дека бранителите на ликот и делото ќе ја спомнат и таа пресуда, но кому му е гајле. Парите за направените штети ќе плаќаме сите ние!

Спонзорирано