Јавното обвинителство тврди дека во кривичната пријава немало докази кои би упатиле на незаконска продажба, а Општина „Центар“ не го доставила она што од нејзе било побарано како доказ
По најавата дека во центарот на Скопје, кај „Аутомакедонија“, ќе никне нова катна гаража, денеска со свое видување излезе и Јавното обвионителство. Оттаму велат дека во однесената кривична пријава немало докази кои упатувале на криминал и корупција, а Општина Центар не приложила ништо со што може да се докаже дека продажбата на државно земјиште била законска.
„До Основното јавно обвинителство Скопје, од страна на двајца подносители – физички лица, во март 2015 година, беше поднесена кривична пријава против четири лица, а во септември 2016 година беше поднесено и проширување на пријавата против уште едно лице за кривично дело: злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик. Наведените кривични пријави се однесуваат на евентуални неправилности во поглед на неисполнување на договорните обврски од склучен договор меѓу Министерството за транспорт и врски како отуѓувач на градежно земјиште во државна сопственост со фирмата ‘Никофон’ ДООЕЛ по пат на електронско јавно наддавање. Кривичната пријава беше поднесена без да биде приложен ниту еден доказ за да бидат поткрепени наводите“, велат од Обвинителствто и потврдуваа дека по приемот на пријавата и по извршен анализа, јавниот обвинител, согласно Законот за кривична постапка, презел голем број дејствија во насока на проверки, а врз основа на релевантни писмени и вербални докази.
Имено, обвинителот кој го водел овој предмет извршил рааспит на нотарот кај кого бил солемнизиран договорот за отуѓување на земјиштето, потоа претставник на Министерството за транспорт и врски, двајца претставници од Општина Центар, претставник на купувачот „Никофон“, претставник од „Стопанска банка“ АД Скопје каде бил подигнат кредитот, како и претставник на Државното правобранителство.
„Секој од испитаните, од надлежниот јавен обвинител, беше задолжен наводите во своите искази да ги поткрепи со дополнително поднесени писмени докази, во рамките на надлежностите во кои постапуваат институциите и правните лица за кои се јавуваат како претставници, а со цел да се утврди хронологијата и динамиката на кривично-правниот настан. Така, вториот испитан претставник на Општина Центар, на записник беше задолжен да достави документација за поткрепа на главниот навод во пријавата – дали се преземени мерки по истекот на договорниот рок од издавањето на одобрението за градба. Притоа, претставникот на општината достави делумно појаснување со тоа што презеде обврска да го извести Обвинителството откако конечно ќе заврши постапката по одобрението за градба која беше во тек, но такво известување од Општината до овој момент не е доставено до Обвинителството“.
Со вака неисполнета обврска од страна на претставникот на Општина Центар, Обвинителството не можело во целост да ја утврди фактичката состојба на пријавениот настан, па предметот се уште е во фаза на предистражна постапка и не е донесена јавнообвинителска одлука.
„Во септември оваа година, надлежниот јавен обвинител, на нивно барање, прими двајца претставници на Општина Центар и ги запозна со текот на предметот и со преземените и неисполнети обврски на испитаниот претставник на општината. Во разговорот со нив, предмет на интерес на јавниот обвинител беше дали општината ги презела правните механизми кои и стојат на располагање пред надлежните судови доколку сметале дека не се испочитувани договорните обврски и дали за тоа го известиле Државното правобранителство. Претставниците на општината наведоа дека такви сознанија немаат во моментот, а дополнително до Обвинителството доставија единствено Правилник за определување на цената на градежното земјиште. Со ова тие не постапија по повторното задолжување од страна на јавниот обвинител да ја достават релевантната документација за текот на мерките и дејствијата што ги презела општината во рамките на својата надлежност за заштита на интересот на граѓаните“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство и притоа се појаснува дека поради тоа што во јавноста се даваат наводи од Општината за јавнообвинителското постапување во овој предмет, а два пати не се постапува по зададени задолженија, скопското Јавно обвинителство уште еднаш повикало претставник на општината за да ги даде неопходните појаснувања и да ја приложи потребната документација.
Во поглед на изнесените наводи за постигнатата цена на земјиштето, Обвинителството нагласува дека од сите прибрани материјални докази во предметот до овој момент произлегува дека постигнатата и исплатена цена за спорната парцела согласно договорот изнесува 6.150 денари односно 100 евра за метар квадратен.