Доц. Д-р Лидија Раичевиќ
Соочени со потребата од унапредување на односите помеѓу медиумите и јавните обвинители се прават обиди за пронаѓање на форми кои што тој однос ќе го олеснат, ќе го унапредат и ќе го направат поефикасен. Се разбира дека на почетокот се наметнува прашањето зошто е тоа потребно и анализата покажува дека може да се извлечат заеднички карактеристики кои што упатуваат на низок степен на доверба во јавнообвинителската институција од страна на јавноста или висок степен на недоверба од страна на јавноста во се она што е објавено или јавно искажано.
Оперирајќи со степен на доверба, како референца, кој што треба да укаже на квалитет на одредена состојба, појава или однос на две општествени сфери се наметнува впечатокот дека степенот на доверба исклучиво се мери со перцепција на граѓаните или со перцепција како метод на научно проучување и нема засега свои корективи кои би укажале дали тој степен на доверба е реален и на што се должи. Квалификување на одредени состојби, на база на впечаток, е опасна појава која води кон волунтеризам, па од тие причини неопходно е да се направат напори за напредување на одредени сегменти на работењето во секоја позиција со што би се направил обид за намалување на впечатокот особено ако е негативен. Токму затоа, а со цел да се даде придонес кон унапредувањето на односот помеѓу јавните обвинители и медиумите, сметам дека е полесен и освртот кон само еден сегмент на овој вид однос, а тоа е природата на јавниот настап на јавниот обвинител.
Зборувајќи за природата на тој настап на јавниот обвинител всушност зборуваме за техничките и структурните содржини на изјавите на пишаниот текст и дебатирањето од страна на јавниот обвинител.
Заеднички карактеристики на настапите на јавниот обвинител и медиумите.
Анализата на настапите на јавните обвинители и претставниците на медиумите покажува заеднички карактеристики кои што се состојат во следното:
-Јавните обвинители и претставниците на медумите работата по принцип на свртена пирамида, а тоа значи поставување на прашање кој, кога, каде, зошто и што. Всушност ова се прашања на кои што јавниот обвинител мора да даде одговор во текот на своето работење во сите фази на постапката, а особено во оној момент кога ќе реши да обвини некого па тоа ќе го срочи во диспозитив на обвинение и всушност тој диспозитив мора да ги содржи одговорите токму на овие прашања. Потполно е иста ситуацијата и кога станува збор за новинарите затоа што и тие кога пишуваат текст мора да одговорат на овие прашања или го пишуваат текстот всушност по тој редослед или поставуваат прашање во таа смисла. Единствената разлика помеѓу барањето на одговори од јавниот обвинител и медиумот се состои во тоа што новинарот мора да си го постави последното прашање па што од тоа и на истото независно дали дал јавниот обвинител одговор или не да даде одговор. Јавниот обвинител тој вид на прашање не го поставува и не смее, па оттука без разлика „што од тоа“ доколку е сторено кривично дело тој мора да гони и мора да процесуира.
-Заедничка карактеристика на медиумите и јавните обвинители особено кога се работи за јавен настап е тоа што се раководат од истите начела, да бидат објективни, непристарасни, правдољубиви и да не повредуваат ничии права. Тоа се всушност императиви не деонтологијата кои мора да ги почитуваат и јавните обвинители и новинарите.
-Заедничка карактеристика се состои во начинот на пишување и јавните обвинители и новинарите мора да се трудат да пишуваат едноставно, праведно, избалансирано.
И овие карактеристики се сосема доволни за да се заклучи дека постојат претпоставки во однос на професиите кои што ги поврзуваат и доколку професионалците и од едната и од другата струка ги познаваат и ги совладааат тогаш и начинот на комуникација меѓу нив не би требало да биде проблематичен и девијантен.
Девијациите настануваат во оној момент кога јавните обвинители ги избегнуваат новинарите, се воздржуваат јавно да напишат текст и да го кажат своето мислење, ги избегнуваат дебатните емисии и воопшто јавниот настап им претставува терет. Причините за тоа се најчесто индивидуални, но и институционални. Ако по принципот на хиерархија и субординација на јавниот обвинител му биде наложено во писмена или усмена форма да се воздржува од јавни настапи се разбира дека тоа претставува обврска која што тој мора да ја почитува додека е дел од таа институција, а воедно и претставува добра форма за која ќе ја прикрие својата несигурност, нелагода и страв од јавно појавување. Впрочем честопати може да се слушне коментар па нормално е јавните обвинители треба да гонат, а не да претставуваат медиумски експонирани личности, но се чини дека ваквиот став е неаргументиран, дел од минатото и не е во склад со потребите на јавноста особено во актуелниот момент кога Јавното обвинителство секојдневно е повикувано за некакво објаснување. Ваквиот момент каде што Јавното обвинителство е во центарот на дневно политички, кривично – правни општествено важни случувања може да биде погоден да дојде и до сосема различна по вид девијација, па јавните обвинители понесени од ефектот на претпознатливост кој што го создава медиумот и појавувањето во него да излезат од границите на пристојно однесување, изглед, гестикулација, искажан збор и да го постигнат сосема спротивниот ефект од подигнување на доверба во институцијата. Оттука се поставува прашањето како тоа ќе се избалансира и како тоа треба да изгледа, се прават обиди за создавање на саморегулирачки тела како мешовити совети од судии, јавни обвинители и медиуми или се создаваат посебни сектори, одделенија за односи со јавност во Јавното обвинителство во кое треба да работат новинари, па така под претпоставка дека го знаат балансот ќе можат и да го претстават Јавното обвинителство на најадекватен начин. Меѓутоа праксата покажува, а искуството уште повеќе дека ниедно тело и облик не може да даде квалитетен придонес во создавањето на впечатокот во јавноста доколку секој носител на функцијата јавен обвинител на индивидуален план тоа не може да го направи на културно, етичко, морално ниво кое што од него се очекува. Впрочем напорите да посебни служби во рамките на јавнообвинителската институција работат на претставување на институцијата само по себе може да биде индикатор на состојби сосема спротивни на целта за која што постојат, па така во делот на известувањето да селектираат, да модулираат известување или што е уште пострашно, постојано, во известувањето да повторуваат фрази кои предизвикуваат гнев кај медиумите затоа што во подолг временски период за настани од јавен интерес не добиваат квалитетни информации ниту сознанија за јавнообвинтелската работа. Па така овие одделенија може да се претворат во лошо лице на јавнообвинителската институција која што наместо да помогне да се створи имиџ во склад со потребите, имиџ и лик на јавен обвинител како професионалец создаваат сосема спротивен ефект дека нешто се задскрива од јавноста. Тоа е штетно и во тој дел сметам дека овие одделенија кои што се формирани треба да претрпат комплетна промена, треба да се преиспитаат нивните меѓусебни односи и ингеренции, дали податоците кои што ги добиваат од обвинителите некој им ги цензурира, по кој основ одлучува што ќе оди во јавноста, што не, да ги научи или да ги потсети за едноставно фер, балансирано и целно пишување, па да се оспособат за давање на наслови при соопштенијата во кои лидот треба да е силен и добар, да нема повторување на стручни термини во секоја објава, да не ги кинат речениците, а пак кога јавниот обвинител кој работи на предметот ќе им даде изјава да го пренесе тоа како „златна изјава“.
( Продолжува)