Јанева ќе конкурира за уште еден мандат на чело на СЈО

569

Обвинителке, во моментов најактуелни се разговорите што ги водат политичките партии за законот за јавно обвинителство, а најспорна точка во овој закон е статусот на Специјалното јавно обвинителство. Што очекувате од нив и дали сте информирана за текот на разговорите?

-Во суштина, сметам дека би требало сите политички партии да го поддржат предлог-законот како што е изготвен од работната група и Министерството за правда, во чии подготовки учествувавме и ние. Анализирајќи ги амандманите поднесени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, сметаме дека и претходно се прифатени сите позитивни работи и дека законот за јавно обвинителство се заснова врз сите конвенции што ги има потпишано Македонија, особено конвенциите што ги потенцира ВМРО-ДПМНЕ. Овие конвенции може да ги поделиме на три дела. Првиот дел се однесува на упатствата или на задолжителните правци како треба да се однесува јавниот обвинител и каков треба да биде неговиот интегритет. Во суштина, тоа е етички кодекс кој уште во 2014 година е донесен од страна на Јавното обвинителство на Македонија и стои во секое обвинителство. Вториот дел од барањата на ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат на Законот за кривична постапка и не може да бидат имплементирани во законот за јавно обвинителство бидејќи се знае што може да се регулира со закон за јавно обвинителство. Тој закон е од организациска природа, а прашањето за доказите се регулира со други закони, особено со Законот за кривична постапка. Во третата група се всушност препораки, декларации, конвенции што се потпишани и врз основа на кои се заснова законот за јавно обвинителство. Тоа значи дека законот е збир на сите принципи на кои и досега почивала јавнообвинителската организација. Тоа се: принципите на независност, неутралност, ефикасност, ефективност и отчетност.

Дали со новиот закон се предвидува некаков вид амнестија?

-Не, напротив. Работната група што го изготвуваше овој закон посвети доволно внимание, долго време се работеше на тоа ниту еден предмет да не згасне на никаков законски начин, туку сите да имаат проодност во своето постапување. Дали тоа ќе биде Специјалното јавно обвинителство или Јавното обвинителство во конкретен предмет ќе се одлучува откако ќе се донесе законот, бидејќи сега тоа не е можно. Тоа ќе биде во надлежност на републичкиот јавен обвинител и на неговите одлуки, неоспорно и тврдам дека тие ќе бидат почитувани.

Опозицијата бара да запрат истрагите што се поднесени 18 месеци по преземањето на прислушуваните разговори. Дали е можно, доколку овие истраги бидат затворени, повторно да се отворат во редовното Јавно обвинителство?

-Ние презедовме некои предмети од редовното Јавно обвинителство и воспоставиме надлежност. Таа надлежност ја воспоставивме со Закон за специјално јавно обвинителство и нема причина истите предмети повторно да се отвораат во редовното Јавно обвинителство, кога ние ги работиме. Тоа е законски и не може поинаку да се толкува, да бидат запрени, па потоа повторно да се отворат. Тоа е само одолговлекување. Доказите во тие предмети постојат и застареноста е прекината на овој начин, бидејќи се преземени дејствија. Мора да напомнам дека има и предмети кои од ЈОРМ ќе преминат во наша надлежност, но за тоа ќе се одлучува откако ќе биде донесен законот и надлежноста за нив ќе ни припадне нам, а се отворени можеби во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција или во некои други обвинителства.

Опозицијата бараше Ваша смена. Очекувате ли партиите да Ве жртвуваат, за да се изгласа законот за јавно обвинителство?

-Јас ќе конкурирам доколку се изгласа новиот закон за јавно обвинителство, односно на конкурсот за избор на специјален јавен обвинител. На тоа имаат право сите обвинители што ги исполнуваат условите предвидени со предлог- законот. Сметам дека ги исполнувам условите и ќе поднесам документи. Нема да се откажам. Секако, јас не можам да влијаам врз изборот, тоа е работа на Советот на јавни обвинители.

Целото интервју на специјалната јавна обвинителка на независен.мк