Основното јавно обвинителство – Куманово отвори истражна постапка против возачот кој, за време на викендот, предизвика две сообраќајки, така што усмрти полицаец и повреди уште неколку лица. Возачот е осомничен за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од член 300, како и за „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“ од член 301 од Кривичниот законик.
На 21 април, на регионалниот пат Куманово – Свети Николе, патничко моторно возило управувано од осомничениот удри во двајца полициски службеници. Од тежината на повредите на самото место почина еден од полициските службеници, а другиот се здоби со телесни повреди. Возачот, потоа, продолжувајќи да вози удрил во друго патничко моторно возило во кое биле три лица и на сите им нанел телесни повреди. Возилото продолжило со движење, но од брзината и ударите се превртело, при што и осомничениот се здобил со телесни повреди. Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Куманово достави и предлог за определување мерка притвор за осомничениот.





