Министерството за внатрешни работи соопшти дека е поднесена кривична пријава за две лица, осомничени дека го убиле Пинета Секондо, кого неговата мајка го пријави како исчезнат на 11 декември минатата година.
Единица за насилен криминал при СВР Скопје денеска до надлежното Основно јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Ф. А. (27) и А. Ѓ. (22), двајцата од Скопје, за сторено кривично дело „убиство“ предвидено и казниво по член 123 од Кривичниот законик.
На 29 април граѓанин пријавил во Единицата за известување и команда при СВР Скопје дека на место викано Башинец во атарот на село Љуботен е пронајден човечки скелет покриен со камења. По преземени оперативно тактички мерки дојдено е до сознание дека извршители се наведените лица, по што е добиена наредба за претрес во дом и други простории од Основно јавно обвинителство Скопје и извршен е претрес во домовите на пријавените како и на уште две лица, роднини на првопријавениот. Во домот на првопријавениот пронајдени се СИМ картици, лични документи, мобилен телефон, УСБ, мемориска картица, една фантомка и возило “опел аскона“. По Ф.А. распишан е централен распис. Вчера, второпријавената А.Ѓ. е лишена од слобода во просториите на СВР Скопје, се наведува во соопштение од МВР.
Од Обвинителството информираат дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради основано сомнение дека сторило кривично дело – „убиство“. Осомничениот, 27-годишен жител на Скопје, делото го сторил на 11 декември 2018 година, околу 2 часот, откако претходно се сретнал со сега починатиот. Тие заедно со патничко моторно возило “опел Аскона“ пристигнале во атарот на с.Арачиново. Осомничениот извадил огнено оружје – пушка и го застрелал оштетениот во пределот на главата. Од нанесените повреди веднаш починал оштетениот П.С. 26-годишен жител на Скопје, кој непосредно по кривичниот настан беше пријавен од семејството и се бараше како исчезнато лице.
По стореното дело, во обид да се скријат трагите, телото на починатиот било пренесено во с. Љуботен, каде е оставено во дупка и покриено со ќебе. Осомничениот се дал во бегство и во моментов е недостапен за органите на прогонот.Це нејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерката притвор.