„И ПОСЛЕ ЈОВО – ВАНГЕЛОВСКИ!“

1952

Во случај Судскиот совет да донесе одлука за суспензија на некои од деветтемина врховни судии, вклучително со претседателот на судот, тие своите жалби ќе треба да му ги поднесат на Јово Вангеловски

Љубиша Станковиќ  

Пред само една недела Врховниот суд закажа и само делумно одржа општа седница. За што се расправало сѐ уште не кажувааат, но станува повеќе од извесно дека судиите не отвориле расправи по одредени иницијативи што за „нивни потреби“ доаѓаат од некои адвокати. Како што сега стојат работите, Јово Вангеловски и барем уште осуммина негови колеги не ќе можат да расправаат ниту за нив самите, иако „однадвор“ дојде и таква иницијатива. Имено, Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), сугерира дека таква расправа е невозможна, бидејќи тоа претпоставува половина од вкупно 18 судии на Врховниот суд, согласно Законот за судови, самите да решаваат за себе, иако за нив се бара одговорност, па дури и кривична одговорност. Познато е дека за Јово Вангеловски и осуммина други судии на Врховниот суд има преставки во Судскиот совет, кој се очекува да ги разреши овие судии со што би се отворил пат и за поведување кривична постапка. Јавноста е запознаена дека тоа се судии кои носеа одлуки со кои на осомничени и обвинети од Специјалното јавно обвинителство им се дозволуваше да заминат на „службен пат“ или на пат од каде што, и по повеќе од две години, сѐ уште не се вратиле. Овие судии не видоа никаква опасност од бегство, а токму тоа и се случи со контраразузнавачите Горан Грујовски и Никола Бошковски или со Сеад Кочан, па и Никола Груевски. Дали е можно Судскиот совет да ги разреши Вангеловски и „екипата“? Велат дека таа опција станува се пореална и поизвесна, но она што ме мачи и ми создава мала конфузија се однесува на можноста разрешените да вложат жалби. Правилата налагаат жалба и по одлука за разрешување, но во вакви ситуции жалбите се поднесуваат до Врховниот суд, што, пак, ќе каже дека за суспендираниот Јово Вангеловски ќе треба да одлучува претседателот на Врховниот суд – Јово Вангеловски! Кажано, поедноставно: „И после Јово – Вангеловски!“ Во една ваква „пат ситуација“, како што велат нашите извори, единствен спас е на судиите да им се предочат одредени криминали и неколку коруптивни случаи, а тие да си ја „подвиткаат опашката“ и да си заминат без да се жалат или пред Јавен обвинител да кажат нешто повеќе за колегата. Злите јазици веќе коментираат дека во Врховниот суд не е сѐ така идеално како што изгледа навидум. Некои одат дотаму што тврдат дека одредени судии свесно ги „опструираат“ седниците на Врховниот суд, бидејќи процениле дека главен за отстрел е токму првиот човек на судот, а последен кој го чува воспоставениот систем на поранешната власт. Дали навистина е така ќе се знае многу скоро, но извесно е дека, ако пред судската ферија не се обезебедат и заштитат, во септември ќе биде предоцна за деветтемина пријавени.

Спонзорирано