И Јанева не го виде исказот на Кичеец

1083

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева денеска беше повторно донесена од затворот во Шутка во Обвинителството за организиран криминал. Таму се задржа околу три часа, при што лично ги гледала доказите против неа во случајот „Рекет“. Откако обвинителката Вилма Рускоска ја заврши истрагата, одбраната и Јанева правеа увид во сите докази кои укажуваат на нејзина поврзаност со Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милески- Кичеец.
Адвокатот Дељо Кадиев информираше дека Јанева и нејзината одбрана го почнале со увидот во предметот, но дека денеска не успеале да ги видат сите докази. Јанева, како што објасни, морала да биде вратена заради затворскиот куќен ред, а адвокатите продолжиле со увидот.
– И нас не ни беше даден исказот на Зоран Милески. Не ни беа дадени ниту исказите на осомничените, иако мора да ни бидат дадени. Само исказите на сведоците, меѓу нив и тие на обвинителите на СЈО – рече адвокатката Ирена Фрчкоска.
Покрај Јанева, и Боки 13 оваа седмица беше два пати беа во обвинителството. И двајцата бараа прво да им се овозможи увид во доказите, па потоа да ги дадат завршните искази, пред одлуката на Обвинителството дали ќе покрене обвинение против нив, односно дали ќе има судски процес за аферата.
И адвокатот на Боки 13, сашо Дуковски вчера потенцира дека не му е јасно зошто не им било дозволен увид во записникот за сослушување на осомничениот Зоран Милески, со образложение дека тоа може да го побараат од неговите бранители. Тоа, како што рече Дуковски, е неразбирлива позиција затоа што истрагата е готова.
Иако истрагата за тројцата осомничени досега во „Рекет“ е завршена, Јанева и Боки 13 сè уште се во притвор во Шутка, додека второосомничениот Кичеец пред два дена замина во домашен притвор.

Спонзорирано