Tриесет дена притвор му одреди судот на Ристо Новачевски, кумот на Никола Груевски, откако утрово беше приведен во рамки на истрагата што ја отвори Обвинителството за организиран криминал за случајот „Плацови на Водно“, во кој, пак, поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ е првоосомничен.
Груевски, според наводите на Обвинителството, си купувал плацови со пари од донации за ВМРО-ДПМНЕ, додека Новачевски го прикривал сопствеништвото на земјиштето. Станува збор за средства во висина од над 1,3 милион евра за купување земјиште од 11 илјади квадратни метри.
Притворот за кумот на Груевски го побара Обвинителството откако Новачевски беше осомничен за перење пари и други приноси и беше изведен пред судија на претходна постапка.
Шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска побарала и замрзнување на имотот на Новачевски, додека за Груевски рече дека не е побарано замрзнување на сметките, од причина што тој ги испразнил пред бегството во Будимпешта.
Основниот кривичен суд – Скопје денеска го уважи и барањето на Обвинителството за одземање имот заради обезбедување.
„Се определува привремена мерка одземање имот заради обезбедување поради постоење на основано сомневање дека потекнува од перење пари и други приноси од казниво дело од чл. 273 ст. 1 од КЗ, на начин што на правното лице му се забранува отуѓување и располагање со недвижен имот од три катастарски парцели со вкупна површина од над 10 000 квадратни метри во вредност од 1 180 000 евра“,
посочија од Основен кривичен суд-Скопје.