Поранешниот премиер, сега азилант во Будимпешта, Никола Груевски нема да одговара за случајот „Траекторија“, зато што настанала апсолутна застареност на делото. Случајот кој се однесува на барањето провизија за изградба на кинеските автопати застарел, затоа што поминале шест години од кога е сторено делото, а немаше правосилна пресуда. Сега државата ќе треба да ги плати сите трошоци поврзани со оваа постапка против Груевски.
Случајот што го покрена СЈО го водеше обвинителката Лиле Стефанова, која не ја коментира одлуката дека Груевски нема да одговара. Ова следува откако адвокатот кој по службена должност му беше oдреден на експремиерот, неодама доставил до судот барање да се констатира застареност на случајот со оглед на тоа што се истечени шест години од времето кога е сторено делото според обвинението на СЈО, а правосилна пресуда немаше.
Инаку, денешното рочиште не се одржа, поради здравствени причини на вештакот кој до судот испратил и лекарска потврда. Груевски во „Траекторија“ беше обвинет дека примал награда за пртотивзаконско влијание. Судењето продолжува за другите обвинети -поранешните функционери Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски кои одговараат за злоупотреба на слжбената положба, со што го оштетиле буџетот за најмалку 155 милиони евра.