Бомби, спинови, лажни вести и телефонски снимки

1565

Обвинителството треба да излезе и да каже дека тајно снимање на разговори, со мобилен телефон, не е обезбедување докази, туку сторување на кривично дело

Љ.Станковиќ

На знам како Вие, ама мене ми е се потешко од секојдневната детонација на атомски, термо и хидрогенски „бомби“ кои, во форма на фејсбук статуси се објавуваат на социјалните мрежи. На страна тоа што и нивото на „радијација“ од ваквите бомби е големо, но она што дополнително ме загрижува е тоа што нема оправање на веќе загадената „почва“. Чинам дека до толку не имаат избомбардирано што веќе не можеме да си замислиме ден без „хидрогенка“, нормално „истрелана“ од нечиј личен профил.
Станува се поочигледно дека потребата од објава на сосема обични и „нормални“ вести е се помала и понебитна, за сметка на објавите на фејсбук каде некој за нешто изразил свој став или мислење кое, секако, не мора да биде ниту точно, ниту исправно, ама, па, затоа и профилот е приватен, се разбира доколку не е лажен.
Да бидам искрен, не дека ги барам или дека сакам да ги читам „атомските бомби“, ама нив ги има толку многу што веќе несвесно или можеби онака, повеќе механички, ги отворам и ги читам.
А кога само ќе се сетам дека се започна, не така одамна, со објава на таканаречените спинови. Сигурен сум дека првите спинови беа политички мотивирани и на нив гледав како на инструмент кој го користат политичарите во борбата со своите политички притивници, а во политиката, нели, се е дозволено и искажаното само ќе ја потврди тезата дека на политичаите не треба да им се верува.
Проблемот кој подоцна ќе се изнедри ќе биде наречен „лажни вести“. Имено, толку ќе се навикнеме на спинови што нема ни да забележиме дека тие тоа веќе не се тоа, туку се лажни вести. Ова му доаѓа нешто како вирус кој мутирал.
Она што мене ме збунува е тоа дека никогаш порано не се зборувало за лажни вести, бидејќи на факултет се учи што е тоа вест, како таа се пишува и кому служи истата. Секој новинар знае дека пред било да се објави веста мора да биде проверена и точна!
Според мене, само едно скалило над пласираните лажните вести се таканаречените вести или докази обезбедени со тајно снимање на разговори преку мобилен телефон.
Последниве десетина – петнаесет дена еден лик, (кој е неправосилно осуден во еден мега-скандал), со објава на снимки од мобилен, а поставени на „You tube“, како да бара за себе нова кривична одговорност. Е тој човек, на мобилен снимал адвокат, којшто планирал да го ангажира во одбраната на неговиот шеф, а кого, исто така, го снимал каде стигнал, а снимил и лидер на една опозициска партија.
Дечкото или се заиграл или дефинитивно не знае дека тоа што го прави е незаконски, бидејќи ова ниту е ријалити шоу, ниту, пак, неговите снимки не можат да бидат докази, а најмалку докази за на суд!
Некој можеби ќе рече дека тајното снимање со мобилен е чист воајеризам или можеби начин за евентуална уцена, но државата треба да излезе и јасно и гласно да каже дека не може секој, тајно, да си снима приватни разговори и потоа да ги презентира како докази кои би упатиле на криминал и корупција. Од обвинителството се очекува да појасни дека му каже во приватен разговор може се да се каже, но дека без овластување никој не смее илегално да снима, а дек секоја споредба со случајот со масовното прислушување се не невозможни, бидејќи тогаш, за сметка на владеачка политичка партија, прислушуваше државата!
Не сакам ништо да сугерирам, но мислам дека некој ќе мора да одговара за незаконско снимање и објави за да сфатиме дека таквото однесување е недозволено.
Во спротивно ќе се намножат и телефонските „сниматели“, но и ликови како „Ел Чека“ и „Никола Тесла“, „Црноризец храбар“ и слични на нив.

 

Спонзорирано