ЗА ВОДАЧИТЕ, ЗА ВИЛМА И ЗА ПРОЦЕНТИТЕ НА БОКИ 13

1111

Сега, кога Апелација констатира дека не се докажало дали Трајко, Миле, Спире и Владимир се организатори на упадот во Собрание, останува отворено прашањето дали оние што влегоа тоа го направиле на своја рака? Е, тоа не го пишува со донесеното решение…

Љубиша Станковиќ

Секогаш кога ќе помислам дека ништо битно не се случува во нашето правосудство, редовно, самиот себе ќе се излажам. Имено, мислев дека минатата недела ќе помине мирно и без потреси кога од скопска Апелација дојде решение со кое се укинува пресудата за „водачите“ на насилните протести од 27. април 2017 година.
Како што е веќе познато Апелација, поради констатирани бројни пропусти во текот на постапката којашто во скопска „единица“ се водеше против Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спире Ристовски и Владимир Атанасовски, донесе решение со кое предметот го враќа на повторно одлучување.
Немам намера, ниту пак законот ми дозволува да ја коментирам одлуката на скопска Апелација, но самата одлука е таква што кај мене предизвикува збунетост. Не, не дека упадот во Собранието на 27. април беше спонтан и случаен. Да не се лежаеме, сите знаевме дека тој ќе се случи кога-тогаш, но ако сега немаме организатори (поради тоа што првостепениот суд им го ускратил правото на веќе споменатите на одбрана), тогаш отворено се поставува прашњето: Дали упадот навистина бил спонтан и(ли) дали, доколу постоела некаква организација таа се сведува само Никола Груевски и Горан Грујовски, а тие се во бегство и за нив постапката е на „стенд бај“?
Веќе не сум сигурен која е вистината за насилствата од 27. април, како што не сум сигурен и во тоа дека тие воопшто се случиле? Вака, како што сега стојат работите немало организатори, ама затиа, пак, имало партиски активисти кои имале логистика од вработени во МВР и во тогашната Управа за државна безбедност?!
Она што засега е извесно е тоа дека кај нас ниту една работа не може да биде расчистена до крај и како таква да биде запишана за сите времиња!
Мината недела беа активни и обвинителите. Тие, односно нивната Комисија донесе одлука со која препорачуваат парична казна за обвинителката Ивана Трајчева и разрзрешување на поранешната шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Од претходни искуства знаеме каков епилог ќе има овој случај. Уште сега можам да потпишам дека предлогот ќе биде „испочитуван“ и усвоен од Советот на јавни обвинители.
Вилма Русковска деновиве гостуваше на една телевизија и како главна поента од нејзниот настап може да се здвои кажувањето дека најголемото „зло“ што таа им го сторила на некои политички моќници е тоа што отворила истрага за Драги Рашковски?! Имено, додека сите ни мислевме дека „тиквата пукнала“ по пријава на директорот на управата за финансиска полиција, всушност, целиот проблем бил Рашковски. На Русковска и замерувам што не кажува кој и’ се јавил и кој барал од нејзе да не го гони Драги Рашковски и што, доколку се согласела, и’ било понудено.
А „состојбата од теренот“ вели дека на Рашковски сепак му се суди за она за што е обвинет, но дека Русковска ќе мора да замине од Обвинителството.
Не дека се работи за ист случај, ама треба да се присетиме дека заради криминалите на Орце Камчев цело едно Специјално јавно обвинителство беше растурено, а Катица Јанева заврши во затвор. Се чини дека позицијата и парите се толку моќни што се во состојба да разрешуваат и обвинители и обвинителства?
Кога веќе го споменав Камчев се присетив дека во случајот наречен „Рекет“ главна ѕвезда беше еден лик кој се вика Бојан Јовановски, а кој на јавноста и е познат под прекарот Боки 13 .
Јовановски, како што информира неговиот правно\ лекарскиот тим бил подвргнат на оперативен зафат и дека тој сега имал само 10 отсто желудник?!.
Толку кажаа адвокатите, но веќе неколку дена немаме информација дали тој процент, не дај Боже, се намалил или се зголемил? Верувам дека во деновите кои се пред нас ќе добиеме нови информации за здравствената состојба на Боки 13.
На Боки 13 му посакувам брзо закрепнување и добро здравје, но убеден сум дека судот нема да му го прекрати издржувањето на затворската казна. Ова оттаму што во нашите затвори има многу осуденици и со потешки дијагнози и за нив врв на лекување е ако стигнат и до Арестанското одделение.

Спонзорирано