ИСМЕТ ГУРИ: „ОД МЕДИУМИТЕ РАЗБРАВ КОЈ ОБВИНИТЕЛ ТРЕБА ДА ДАДЕ МИСЛЕЊЕ ЗА МОЈОТ СЛУЧАЈ!“

2266

„Не знам зошто се сега овие пишувања? Не сакам да верувам дека со нив се врши некаков притисок, но планирам пред Апелациониот суд да ја докажам својата невиност“, вели Исмет Гури

„Навистина не ми е јасно зошто некој токму сега се занимава со ‘случајот’ на Исмет Гури? Тоа не е случајно, но она што иритира е тоа дека со невистините пишувања намерно се провоцира јавноста. Што толку страшно се случи за да се појави моето име во медиумите? Апсолутно ништо! Од сето пишување само добив сознание до каде е мојот случај за кој сум неправедно осуден!“

Со многу резигнираност Исмет Гури ги коментрира последните пишувања во кои се спомнува неговото име кое се доведува во контекст со неправосилната пресуда донесена против него, односно за наводно држење на предметот во фиока на еден Виш јавен обвинител. Збунетоста на поранешниот директорт на КПУ „Идризово“ е дотолку поголема што предметот, односно со неправосилната пресуда за него и Ејуп Алими се извлекува од морето пресуди, иако нема ништо спорно со текот на постапката, дотолку повеќе што за целиот слчуај се очекува мислење од Виш јавен обвинител.

„Од пишувањата разбрав дека предметот бил кај обвинител, кој, за жал, е Албанец. Велам, за жал, затоа што кај нас веднаш се раѓаат сомневања за некакви месетенки, договарања. Очекувам премиерот Заев да не подлегнува на пишувања на медиумите, туку да инсистира на веродостојност на доказите и на одлуките кои ќе произлезат од нив…Да бидам искрен до крај: сакам во овој предмет да постапува некој друг обвинител, токму поради сомневањата, но не сум јас тој кој одлучува како ќе постапува обвинителството. Конечно, не ми е јасно зошто именуваниот обвинител не му реферира на својот претпоставен, туку во целата приказна се инволвира републичкиот Јавен обвинител, Љубомир Јовески?“, вели Исмет Гури и додава: : „Ваквите, со ништо предизвикани пишувања, само ми ја одземаат енергијата и ме дефокусираат. Мојата намера е, пред Апелациониот суд, да ја докажам својата невиност. Сакав да докажам дека јас не сум фалсификувал записници од завршени избори, дека како тогашен секретар на Општинската изборна комисија Чаир не сум бил службено лице, а што писмено го потврди и самата Државна изборна комисија, дека јас и Ејуп Алими, кој во тоа време беше координатор на пратеничката група на ДУИ, не сме можеле да бидеме никаква ‘организирана група’, дека вештиот наод кој беше изработен во странство и беше прифатен од Јавниот обвинител, судот, при изрекување на пресудата не го прифати како релевантен, дека десетици сведоци, на главен претрес, го потврдија ова што јас сега го кажувам!“

Потсетувајќи дека СЈО имаше предмети во кои се слушаа разговори за начин како да се гласа во ДИК, во одредени ситуации, Гури, вусшност алудира на две работи. Првата е дека некои од тие предмети се укинати и се вратени на повторно одлучување и дека тој не е службено лице на ДИК што, пак, подразбира дека не можел да стори службена злоупотреба. Втората работа се ‘спорните’ записници со 80-тина гласови. Имено, Гури цени дека записниците не се и не можат да биле пресудни на локалните избори во Општина Чаир, во 2013 година, бидејќи ДУИ ќе однесе победа со повеќе од 11.000 гласови. Тој вели дека од десетиците сведоци кои беа предложени во текот на судската постапка само еден застана зад наодите на СЈО?!

Првостепната пресуда за Исмет Гури и Ејуп Алими беше изречена на 31. март, минатата година. По добиено мислење од Вишото јавно обвинителство ќе следи судски процес во Апелациониот суд во Скопје. Всушност, повисокиот суд треба да решава по поднесените жалби на обвинетите.

(Љ.Станковиќ)

Спонзорирано