Судскиот совет попладнево, на итна затворена седница, донесе одлука да му се одземе имунитетот на судијата Мустафа Шахини од Управниот суд заради непречено водење на кривичната постапка. Но, донесена е и одлука со која не е одобрено барањето за определување мерка притвор за судијата, кој е осомничен за злоупотреби со предмет за денационализација.
Судијата се повикал на правото на имунитет откако Обвинителството за организиран криминал и корупција побара од судија на претходна постапка да му одреди притвор, информираа од Кривичниот суд.
-До судија на претходна постапа при Основниот суд Скопје 1 од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, во текот на вчерашниот ден, е доставен предлог за определување мерка притвор за едно лице – судија во Управен суд, заради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување. Со оглед на тоа дека да се работи за судија кој се повикал на правото на судиски имунитет, до Судскиот совет, како надлежен орган, е доставено барање за одобрување мерка притвор, имајќи го во предвид правото на судиите во вршење на судската функција и уживање имунитет, се наведува во денешното соопштение од Кривичниот суд.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера донесе наредба за спроведување на истражна постапка против судијата. Оттаму информираа дека осомничениот, во периодот од 10.09.2018 година до 24.01.2019 година, ја злоупотребил својата службена положба и овластувањe и ги пречекорил границите на своето службено овластување преземајќи дејствија што не смеел да ги преземе, како и непреземајќи дејствија што бил должен да ги преземе, со што сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 став 5 во врска со став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.