Обвинителен акт за тројца за полов напад врз дете од гостиварско

875

Поднесениот обвинителен акт од Основното јавно обвинителство – Гостивар опфаќа три лица кои во  март и во јули минатата година извршија обљуба врз дете, со што сториле кривични дела за кои е запретена затворска казна од најмалку 12 години. Првообвинетиот се товари за сторено кривично дело „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години’ од член 188 став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот, во март 2018 година, управувајќи возило, го сретнал детето и на сила го внел во возилото. Потоа, го однел на запуштено место каде извршил обљуба врз детето – жртва, на кое по стореното дело му дал паричен надоместок.

Второобвинетиот во јули 2018 година му понудил пари на детето, по што извршил обљуба во неговата семејна куќа. Во текот на следните месеци, второобвинетиот го наведувал и поттикнувал детето на контакти преку социјалните мрежи со цел остварување  сексуални односи со други лица, а за тоа барал детето да наплатува и да го известува.  Затоа, второобвинетиот, освен за „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“, се товари и за сторено кривично дело „посредување во вршење проституција“ од член 191 став 1 од Кривичниот законик.

Третообвинетиот, кој се гони за продолжено вршење на кривичното дело, извршил обљуба врз детето повеќепати, искористувајќи ист траен однос и иста прилика. Во обвинителниот акт ова лице се товари за сторено продолжено кривично дело „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“ од член 188 став 1, а во врска со член 45 од кривичниот законик. Надлежниот јавен обвинител, заедно со обвинителниот акт, до Основниот суд – Гостивар достави и предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетите.

Спонзорирано