ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ЗА ПРЕДМЕТОТ „ПАСОШИ“

1347

Од Обвинителството информираат за криумчарење мигранти од Македонија и Албанија во САД и Канада, но и не ги соопштуваат ниту иницијалите на обвинетите
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1-Скопје, поднесе Обвинителен акт против три лица, македонски државјани, за кривично дело: организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти и продолжено кривично дело: криумчарење на мигранти.
Во диспозитивот на обвинението е наведено дека од јуни 2016 до август минатата година прво осомничениот, како организатор на групата, заедно со други македонски и странски државјани, обезбедувал фалсификувани документи на потенцијалните мигранти кои не можеле да добијат регуларни визи за САД и Канада. Тој од користољубие, изработувајќи им лажни патни исправи, илегално ги пренесувал мигрантите преку државната граница на Р.Северна Македонија и преку претходно договорена рута ги испраќал до Гватемала, Мексико, Костарика, за да можат од таму преку илегален премин, однмосно од таканаречената „зелена граница“, од Мексико да стасаат до САД и Канада.
Во првата половина на 2017 година, прво осомничениот, заедно со другите двајца осомничени, како дел од меѓународна криминална група составена од лица од Албанија, Шпанија и од други држави, од користољубие создале и организирале група за криумчарење мигранти. Во текот на 2017 и во првата половина на минатата година, групата откако првично ќе остварела непосредна средба со потенцијалните мигранти, главно македонски и државјани на Албанија, вршела нивно врбување, по што им било организирано патување, преку земји членки на Европската Унија и Доминиканската Република, до САД и Канада.
Групата обезбедувала фалсификувани документи за потенцијалните мигранти, резервирала и купувала билети за автобуски и авио превоз, резервирала и плаќала времено сместување на мигрантите во хотели и(ли) мотели и хостели во земјите од рутата. За преземените дејствија, организаторите на криминалната група добивале парични исплати од мигрантите во износ од 20.000 до 25.000 долари за секој мигрант.
„Осомничените како организатори на криминалната група го планирале бројот на илегалните мигранти, најчесто од двајца до четворица, кои требало да бидат криумчарени, го договарале временскиот период и рутата по која ќе биде реализирано криумчарењето, како и локациите на кои во текот на криумчарењето мигрантите времено ќе престојуваат, а го договарале и начинот на обезбедување на гаранцијата и исплатата на договорениот паричен износ по пристигнување на мигрантите во земјите на крајна дестинација“, се вели во соопштението на Обвинителството, во кое, како и многу пати пред тоа нема ниту иницијали на лица кои се сторители и на најтешки кривични дела.

Спонзорирано