Неколку компакт дискови, на секој по дваесетина снимки од нередите кои се случија во Општина „Центар“ во 2013. година, денеска беа презентирани на продолжението на судскиот процес за предметот наречен „Шамари во Центар“.
Безмалку на сите снимки можеше да се види обвинетиот Александар Трајковски како ја поттикнува масата и како со раце удира по прозорците на бараката во која се одвива седницата на Советот на Општина „Центар“. Трајковски, веројатно горд на она што го направил снимките ги проследи со смеење и со вртење на главата.
На една од презентираните снимки можеше да се забележи и тогашниот градоначалик Андреј Жерновски и екс-претседателот на Советот на општината, Мирослав Шиповиќ кој ги убедува протестантите дека советот нема да расправа, ниту ќе носи одлука за уривање на каков и да е објект, вклучително и црквата „Свети Константин и Елена“.
Она што можеби е највпечатливо е односот на полицијата која е повикана да го заштити јавниот ред и мир и да ја обезбеди безбедноста на советниците. Имено, полицијата не само што со смеење ги проследува протрестите уште им прави место на оние најнасилните кои тропаат и ги отвораат прозорците. Инаку и денешното прекратување на судењето дојде по имницијатива на Трајковски, кој тоа го побара од судот.
За случајот „шамари во Центар“, за поттикнување им се суди на екс министерот Миле Јанакиески и тогашната советничка Даниела Рангелова и во отсуство на Никола Груевски, а на осуммина други за извршеното насилство.
Двајца обвинети го признаа делото што им се ставаше на товар и ним им беа изрени условни затворски казни.
Телевизија 24