СВЕТ БЕЗ ГРАНИЦИ, ДРЖАВА БЕЗ ПРАВНИЦИ!

1234

Во мај ќе се навршат шест години од поднесувањето на кривична пријава против Срѓан Керим за криминалите во „МПМ“, но обвинение и судење нема, но затоа имаме промоција на некаква негова книга и негово саморекламирање на една телевизија со национална фрекфенција

 

Љубиша Станковиќ

Насловот на текстот што следи делумно е инспириран од насловот на книгата на професор, доктор, академик, претседател на Светот, Срѓан Керим.
Имено, споменатиот лик, (освен што во себе ги има абсорбирано сите посточеки и непостоечки титули на овој свет), деновиве промовираше книга која носи наслов „Светот без граници“, веројатно како некаков обид да се заборави на сето она што тој, како наследство го оставил зад себе и повторно да се изрекламира во најдобро светло?
И не ме чуди однесувањето на новопечениот хрватски државјанин кој се одзива на името Срѓан Керим, туку ме чудат странските димпломати кои му дошле на промоцијата на книгата, бидејќи сигурен сум дека најголемиот број од нив знаат за скандалот со изградбата на македонската амбасада во Берлин или за аферата 750.000 евра во шише или за уништувањето на безмалку сите печатени медиуми во државава, а кои излегуваа под етикетата наречена „Медиа Принт Македонија“ и за кои, наскоро нему треба да му се суди.
Безобралукот на Керим не завршува со промоцијата на книгата „Новинари без весници“, пардон „Светот без граници“. Тој, онака најдрско и најбезобразно ќе седне во студиото на една телевизија и таму ќе продолжи со неговите благоглаголиви беседи, за на крајот од прикаската повторно да ни се покаже во едно ново (патриотско) светло и како потенцијален кандидат за претседател на државата…..Е, кога веќе ја споменав државата, за момент се самиот себеси се запрашав: дали државата ни е жива или е (не)намерно заинтересирана за Керим?
Оние кои паметат малку поголго ќе се присетат дека уште минатата пролет пишував дека кривичната истрага за Керим и дружината од „МПМ“ е завршена и дека предметот од Јавното обвинителство за гонење на организран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) е префрлен во скопското Јавно обвинителство, односно во истото тоа обвинителство во кое Синдикатот на новинари и медиумски работници ја поднесе пријавара за Срѓан Керим уште на почетокот на мај 2017 година!
Не случајно ја потенцирам годината, бидејќи Основното јавно обвинителство повеќе од една година не презема ништо што е во интерес на вработените во „МПМ“, односно во остварување на нивните права на работа и наплата за сработеното.
Работите почнаа да се придвижуваат една година подоцна кога за Срѓан Керим се заинтересира некогашното Специјално јавно обвинителство, а потоа и ОЈО ГОКК, но после повеќе од пет години се’ уште нема обвинение и како што стојат работите предметот уште долго ќе стои во нечија фиока, а кога ќе дојде време за судење тогаш повторно ќе се чудиме како тоа делата застареле?
Да бевме нормална држава немаше да се доведеме во ситуација да не можеме на Керим да му испратиме било каква покана на неговата домашна адреса во Опатија. Да бевме нормална држава немаше да дозволиме Керим да си промовира некакви негови писанија и да се саморекламира пред широкиот телевизиски аудиториум, туку ќе си го обезбедевме се’ до почетокот на судењето за сето она што тој им го направи на стотиците вработени во „МПМ“.
Често пати се прашувам дали кај нас сеќавањата можат да траат повеќе од три дена? Всушност, се прашувам дали некој свесно го крепи Срѓан Керим, кого, пак, желбата да ни биде преседател на државата не го напушта?
Не, не сум од оние кои ќе поверуваат на лагите дека Керим најпрво бил „амнестиран“ од поранешниот премиер Зоран Заев, а потоа и од сегашниот Димитар Ковачевски. Убеден сум дека е лага дека Керим некогаш добил покана да му биде советник на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ. Мислам дека Милановиќ не е луд човек да го избере за советник токму Керим, но многу ме загрижува фактот дека Керим ќе успее да се фотографира со премиери и претседатели на држави, но и дека во една поранешна ју-република ќе биде произведен во академик?!
Немам намера да пишувам за „образованието“ на Срѓан Керим, за плагијатите и случувањата во една белградска високообразовна институција, но секако имам намера да ги потсетам државните инситуции за тоа што стори Керим со нашата амбасада во Берлин или за 750.000 евра коишто беа запленети од неговиот возач, а кои беа „спакувани“ во шише. Сакам само да потсетам дека и во двата скандала Керим не само што не беше санкциониран, туку уште му плаќавме за да може тој да глуми некаков сериозен кандидат за местото Генерален секретар на Организацијата на обединетите нации.
Но, токму однесувањето на Министерството за правда и пред се на Јавното обвинителство говори за отсуство на држава и на владение на правото. Се разбира, не можам да ги амнестирам и молчаливите, а кои некогаш беа дел од „МПМ“, дотолку повеќе што тие најдобро знаат како останаа и без пари и без работа, но и како Керим си поигруваше со нив и како тераше мајтапи.
Колку заради потсетување на јавноста еден од осомничените во аферата „МПМ“, Јавното обвинтелство сега го нарекува „соработник на правдата“, но се уште не се знае како Обвинитеството ќе го нарече Срѓан Керим? Мојот предлог до Јавното обвинтелство тој во иднина да се нарекува: „Претседател на 61. Генерално собрание на ООН“ или „Претседател на Светот“ – со или без граници!

П.С.
На промоција на Керим не бев, но затоа на неговото судење ќе бидам присутен и тоа во својство на сведок-оштетен, а тогаш ќе имам многу што да раскажам

Спонзорирано