Актерката Билјана Беличанец-Алексиќ вчеравечер е пронајдена мртва во станот на нејзинот сопруг.
По наредба на дежурен Јавен обвинител телото на сега починатата актерка Билјана Беличанец-Алексиќ е преземено од експертите од Институтот за судска медицина и криминологија.
Од нив се очекува да ја утрврдат причината за смртта на актерката, иако некои медиуми шпекулираат дека се работи за самоубиство.
Истрагата тешко дека ќе може да го утврди мотивот поради кои почина поранешната градоначалничка на скопската Општина Кисела Вода, но она што засега е извесно е дека смртта настапила во станот на нејзиниот сопруг кој и ја информирал полицијата за несреќата.
Смртта на глумицата Билјана Беличанец-Алексиќ, освен нејзините најблиски, ги погоди и нејзините колеги и соработници кои своите чувства, ги споделија преку социјалните мрежи.
,,Билјана Беличанец! Ретка билка со раскошен талент за цветање. Можеше да даде уште многу цутови. И сакаше. А не напушти на најтрагичниот од сите можни начини. Како вистинска античка хероина. Вечна пролет за неа и за нејзиниот редок и убав цвет.” – изјави Васил Зафирчев.
Актерот Игор Џамбазов и посакува да почива во мир, а колегата Драган Спасов-Дац ја испрати во земјата „Недојдија“.
– ,,Билјана Беличанец беше мојот Петар Пан. Полетна, како никој од нашата бранша, леташе високо со своите улоги и оддаваше цврстина на маж, но беше кревка, како кокиче. Замина во Недојдија…” – изјави Драган Спасов Дац.
Младата актерка Јелена Јованова е со надеж дека Билјана Беличанец-Алексиќ сега се наоѓа на некое подобро место.
– ,,Се надевам дека таму нема да си изневерена од никого. Се надевам дека таму ќе си прегрната од љубов која овде ти недостигаше. Толку многу даде, а уште колку многу остана…Тешко и за неверување, маме. Ти благодарам за СЀ! Почивај во мир Билјана Беличанец!” – изјави Јелена Јованова.
Од Билјана Беличанец-Алексиќ, преку социјалните мрежи се простија и актерката Весна Петрушевска и Калиопи, поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски, но и многу други нејзини колеги и пријатели.
Билјана Беличанец-Алексиќ, во 1994 година, со само 21 година, односно како најмлад актер, дипломирала на Факултетот за драмски уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Истата година таа ќе се вработи во Народниот театар „Војдан Чернодрински“, во Прилеп, а од 1997 година ќе премине во Драмскиот театар во Скопје.
Како актерка има реализирано голем број главни и споредни улоги во повеќе театарски проекти, а јавноста ја препознава и преку ликот на „Хурем“ во турската серија „Сулејман Величествениот“.
Во 2013 година таа беше избрана за градоначалник на скопската Општина Кисела Вода и на оваа функција останува се до 2017 година.
Комеморацијата, по повод смртта на Билјана Беличанец-Алексиќ, е закажана за во вторник.