Основното јавно обвинителство – Гостивар отвори истражна постапка против лицето кое е осомничено за денешното убиство во Гостивар. Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во општината текот на денот ќе достави предлог за определување притвор за осомниченото лице.
Како што соопшти Јавното обвинителство, настанот се случил утрово околу 4 часот, во стан на улица „Илинденска“ во Гостивар. Осомничениот, поради нерасчистени должничко доверителски односи, влегол во станот на оштетените каде ги затекнал сопругата на оштетениот и нејзината мајка. Со употреба на нож првин ја нападнал 78 -годишната старица, а потоа и на оштетената и задал повеќе убодни рани. При излегување од станот го сретнал и го нападнал и оштетениот, по што избегал. Во својот дом тој ја фрлил облеката што ја носел и облекол пожарникарска униформа. Полицијата го пронашла по неколку часа и тој е лишен од слобода.
Жртвите се пренесени во болница, каде што старицата починала од зададените убодни рани, а брачниот пар е надвор од животна опасност и по лекарските интервенции се задржани на болничко лекување. По наредба на јавен обвинител, телото на починатата 78 годишна жена е предадено на обдукција. Извршен е увид и преземени се дејства за расветлување на случајот. Издадени се наредби за прибирање траги и нивно вештачење, како и фотографирање и скицирање на местото на настанот.