„РОДИ МЕ МАЈКО ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР И ФРЛИ МЕ ВО ВЛАДА!“

782

Недозволиво е за нешто повеќе од една и пол година двајца Генерални секретари да бидат приведувани за криминали. Ова е серизно потфрлање на извршната власт и затоа Владата треба добро да размисли кој ќе биде следниот именуван Генерален секретар

 

Љубиша Станковиќ

Најавата за отпочнување на кривична истрага за сега веќе поранешниот Генералниот секретар на Владата е сама по себе невиден скандал.
Притворањето на Мухамед Зекири само е продолжение на скандалот кој се мери во десетици илјади евра, се разбира, државни пари. Всушност, не е проблемот во тоа што некој се дрзнал да посегне по пари, туку во тоа што тој некој требало малку повеќе од другите да се грижи за тие пари. Но, почитувајќи го правото на презумпција на невиност и без никаква намера да се влијае на натамошниот тек на постапката која ќе следи, сепак останува нејасно како е можно за некаква си студија Владата одлучила да издвои речеси 795.000 евра, а притоа да не се отвори постапка и згора на тоа да се „набилдаат“ дополнителни 150.000 евра? Прашањето кое се наметнува (и кое се однесува на целата Влада) е: како е можно да се даваат толкави средства, а притоа никој да не каже дека начинот на избор на консултанска фирма и да нема извршен надзор?
Во конкретниов случај веќе не е битен ни притворот кој му е одреден на Зекири, бидејќи со овој случај се потврди дека извршнат власт уште еднаш потфрли! Имено, недозволиво е за нешто повеќе од една и пол година двајца Генерални секретари да бидат приведувани за криминали.
А токму поради овие два случаја дојде до модифицирање на народна изрека: „Роди ме мајко Генерален секретар и фрли ме во Влада!“
Она што случајот на Зекири го прави малку поразличен од случајот на Драги Рашковски е во тоа што Зекири не е дрзок и безобразен и не се обидува да ја манипулира јавноста со глупави и бесмислени изговори за парите до кои дошол на незаконски начин, а згора на тоа и си поднесе неотповиклива оставка. За разлика од него Драги Рашковски се покажа како лик кој како да е опседат од пари. Тој не само што не ги штедеше оние кои нему, како Генерален секретар на Влада, морале да му плаќаат дел од заработеното, туку во своите лаги ги втурна и своите најблиски, тврдејќи дека стотиците илјади евра биле од гости кои му дошле на мекици. Негово право е како ќе се брани и што ќе зборува пред судот и тоа никој не може да му го одземе, ама наше право е да знаеме што е со парите што се изнесени од државната сметка.
Цели два дена ги слушам ВМРО-ДПМНЕ како ликува од последните случувања во Владата. Делумно се во право, се разбира ако го осудуваат криминалот, но нивната цел е барање нови парламентарни избори на кои, нели, очекуваат да победат. Секако дека барањето за нови избори е легитимно од аспект на политичка борба за власт, но ДПМНЕ не се тие кои ќе зборуваат за лошите дејанија на владините генерални секретари, бидејќи се уште се свежи сеќавањата на нивиот Генерален секретар кој се одзива на името Мартин Протугер. Во најголемата опозициона партија како да подзаборавија (или барем се обидуваат да заборават) на однесувањето на Протугер кој „организираше“ избори, ангажираше луѓе и државни ресурси заради остварување на изборни победи. Тешко е да се поверува дека граѓаните заборавиле на неговите закани по живот упатени кон политичките противници, на неговите закани со фрлање во ендеци и гнасните пцости и навреди.
На крајот на краиштата добро е што Мартин Протугер е осуден, како што е добро што му се суди на Драги Рашковски и што се води истрага за Мухамед Зекири. Уште подобро е тоа што граѓаните почуствуваа дека постои институцијата каква што е Јавното обвинителство кое постапува неселективно и што покажува дека ја заштитува држвата од криминал и криминалци.
Задоволството од постапувањата на Обвинитеството е и во тоа што секој следен кој ќе се нафати (се разбира,ако има храброст да се нафати) да ја извршува функцијата Генерален секретар на Владата ќе треба добро да размисли дали ќе се впушта во нешто што може да му донесе затвор.

Спонзорирано