Судскиот совет на денешната 311. седница помеѓу останато расправаше и за евентуалните злоупотреби на АКМИС-системот во време кога Панчевски раководеше со скопскиот кривичен суд

 

Љубиша Станковиќ

 

Судскиот совет денеска поведе постапка за утврдување одговорност на експретседателот на скопскиот Кривичен суд, Владимир Панчевски во врска со можни злоупотреби на АКМИС -от, односно со распределбата на предмети. Денешната расправа, всушност, е вовед во утврдување на нестручноста и несовесноста во работењето на Панчевски, односно најава за негово можно разрешување од судската функција, дотолку повеќе што сега се на потег членовите, односно конкретна Комисија која ќе треба да обезбеди докази за злоупотреби на АКМИС-от.
Нашите сознанија велат дека во „истртагата“ ќе бидат искористени и доказите што ги обезбеди комисијата од Министерството за правда, а според кои делење на предмети на рака, односно надвор од сите процедури имало во Основниот суд Скопје 1 – Скопје, во времето кога со него раководел Панчевски, како и во Врховниот суд за време на првиот претседателски мандат на Јово Вангеловски. Иако најголемиот број од доказите што ги изведе Комисијата беа недостапни за јавноста, сепак беше потврдено дека дури 860 предмети не биле внесени во системот и дека за нив немало одреден судија. Со давање на предмети на рака, но и со честите промени на годишните распореди само се кршел законот.
За потсетување, токму Панчевски во една календарска година изврши три измени на годишните распореди и во сите три наврати судиите реагираа со лични преставки до Судскиот совет и до Врховниот суд, а беа потпишувани и петиции. За Панчевски се уште се говори дека на очиглед на повеќе лица искинал решение на Судија на претходна постапка со кое било предвидено изрекување притвор за повеќе лица, односно за поранешни министри во Владата на Никола Груевски, а потоа судијата бил присилен да изготви ново решение со кое не била предвидена мерка притвор. Опструкциите на Панчевски најубаво се гледаат на социјалните мрежи каде тој јавно ги критикува своите колеги кои носат пресуди за случувањата од 27. април 2017 година, а негов таргет се и премиерот, министрите и новинарите кои уредно ги бележат сите негови испади.
Зад името на Панчевски, освен испади од негов или од скриен лик и лажен идентитет, се бележат и неговите чести расправии со судиите и со другите вработени, поднесување на кривична пријава против сегашниот претседател Иван Џолев, приведувања на безмалку сите судии од Одделението за прекршоци, истрага на СЈО во неговата канцеларија и неговиот дом, пријава за бесправна градба во строгиот центар на Скопје, односно надградба на уште два ката на зграда која е претворена во хотел и уште ред други инциденти.

Спонзорирано