Обвинение за разбојништво во казино во Гевгелија

1196

Основното јавно обвинителство во Велес поднесе обвинителен акт против едно лице, жител на Гевгелија на возраст од 40  години, за кривичните дела „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со огнено оружје или распрскувачки материи“ од член 396 став 1 и „разбојништво“ од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

По сеопфатна истражна постапка, надлежниот јавен обвинител утврди дека обвинетиот во временскиот период од 9 јануари до 22 февруари оваа година кај себе неовластено држел огнено оружје – ловечка пушка марка „чешка збројевка“ со калибар 16 мм. и 8 ловечки куршуми со истиот калибар. На ден 9 јануари, околу 02.40 часот, тој  од електронското казино во Гевгелија, заканувајќи се со пушката, одзел пари во вкупен износ од 150 илјади денари.

Обвинетиот, маскиран во пределот на лицето, преку задниот спореден влез влегол во казиното и се упатил кон просторот каде се наоѓа касата. Потоа ја вперил пушката кон касиерот кој бил на работно место давајќи му знак со пушката да се оддалечи од касата. Касиерот, исплашен по својот живот, го напуштил просторот кај касата. Тогаш обвинетиот ги одзел парите кои се наоѓале внатре и го напуштил казиното.

Имајќи предвид дека се работи за обвинет кој пред извесно време во Грција имал извршено кривично дело „разбојништво“ за кое бил правосилно осуден на ефективна казна затвор и избегал од државата за да го избегне издржувањето на изречената казна, како и дека повеќе пати е осудуван за кривични дела против имотот и против животот, Основното јавно обвинителство – Гевгелија ценеше дека постои опасност тој  да се даде во бегство или да продолжи со вршење на вакви кривични дела, па поради тоа до Основен суд Велес со поднесениот обвинителен акт достави и предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот.

Спонзорирано