Нема инциденти, освен сликање на гласачко ливче

1100

Два случаи на фотографирање гласачко ливче регистрирало Министерството за внатрешни работи до 14 часот, а не се забележани позначителни нарушување на јавниот ред и мир во текот на гласањето.
Околу 9 часот на гласачко место во градинката „Срничка“ во општина Аеродром, претседателот на избирачкиот одбор го забележал лицето Р. Ѓ. (36) како со мобилен телефон го фотографирал гласачкото ливче. Р.Ѓ. е приведен и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
По 11:30 часот на гласачко место во село Обршани лицето К.П. со мобилен телефон исто така го фотографирал гласачкото ливче, така што полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Во 6 часот и 11 минути во СВР Скопје било пријавено дека на гласачко место во ОУ „Дрита“ во село Рашче била оштетена влезната врата, но изборната комисија констатирала дека нема проблеми со избирачкиот материјал и гласањето почнало во предвиденото време без проблеми.
Во овој период, до Јавното обвинителство, пак, не пристигнала ниту една пријава за нерегуларности на гласачкиот процес.
Како што соопшти претседателот на Комисијата за следење евентуални противправности, Џељаљ Бајрами, пријава нема ниту од граѓани, ниту од кој било друг.
-До овој момент изборниот процес се одвива мирно, без посериозни нарушувања. Ниту во Комисијата, ниту во основните обвинителства каде што има организирани дежурства, нема пријавен настан. Очекуваме дека така ќе продолжи до завршување на изборниот ден, изјави Бајрами.
Тој напомена дека во сите основни обвинителства низ земјава, покрај редовните, се организирани и дополнителни дежурства за следење на изборните активности и навремено постапување ако биде пријавен каков било случај или настан.

Спонзорирано