Вкрстени прашања за Костовски од обвинетите во „Таргет-тврдина“

1229

Звонко Костовски, еден од оние кои ги изнесоа снимките од нелегалното прислушување кое со години наназад ја спроведувала Управата за безбедност и контраразузнавање, денеска, по петти пат сведочеше во предметот „Таргет-тврдена“. Сведокот Костовски денеска одговараше на поставените вкрстени прашања на неговите, сега обвинети колеги.

Костовски повеќе од еден час и одговораше на обвинетата Надица Николиќ, која поставуваше прашања, главно, поврзани со начинот на функционирање на системите „Најс“ и „Вернит“. Имено, обвинетата екс-началничка Николиќ се интересираше дали и кој од двата система бил достапен за читање за опетативците и за таканаречените „читачи“.

„Имаше чести јавување на репродуцерите на прислушуваните разговори кај инспекторите, во Управата за безбедност и контраразузнавање. Еднаш се случи репродуцер, наместо кај инспектор, да се јави кај таргетот кој што беше прислушуван“ – рече Звонко Костовски.

Сведокот Костовски ја потсети сега обвинетата дека таа се логирала со туѓо име само за да провери што другите корисници гледаат во системот, а дека материјал со назнака „важно“ смееле да го прочитаат само таа и екс- директорот Сашо Мијалков и началникот Горан Грујовски. Инаку, прислушните уреди биле поврзани со една зграда, лоцирана во непосредна близина на скопската Железничка станица.

Судечкиот совет е на став дека денешното појавување на Костовски треба да биде негово последно доаѓање во судот, се разбира, откако ќе даде одговори на сите прашања кои што ќе му ги постават обвинетите.

За злоупотреби на двата система за прислушување во УБК, но и за нивното уништување обвинети се девет лица, но од предметот се издвоени бегалците Горан Грујовски и Никола Бошковски.

Телевизија 24

Спонзорирано