МИРОСЛАВ ШИПОВИЌ: ОД МОЈ АГОЛ (4) „ЗА МАКИТЕ НИЗ КОИ ПОМИНАВ“

0
484

Истрага, до поднесување на обвинение, може да трае три месеци. Нам обвинителниот акт ни го доставија на втори јануари 2014. година. Првиот работен ден во годината! И тоа два – три дена пред истек на рокот.
Решенијата за продолжување на притворот редовно, последни ги добивавме – во петок навечер. Обично сите списи, околу 18 часот, им се доставуваа до притворениците, а нашите ни ги доставуваа околу 20 часот. Ако не добиеш дента, кога ти истекува претходното решение, мора да те пуштат од притвор. Не оставаа намерно да чекаме во неизвесност.
Иако бев уапсен во Виена, на пат за Скопје, и таму пред судот барав да ме пратат во Македонија најбрзо што може, а за што има записник од сослушувањето и кој беше доставен до судот со барањата за укинување на притворот, тоа никогаш не беше земено в предвид, како една од битните причини за укинување на мерката притвор.
Жалбите на притворот редовно беа одбивани секогаш со истото образложение, иако ниту еден од трите предвидени услови за притвор не беше исполнет.
Поднесов писмено барање до Хелсиншкиот комитет. Барав да ме посети нивни претставник. Му пишав и на Народниот правобранител. По барањето не се постапуваше и не беше спроведувано неколку месеци.
Фирмата „Сиком“, во којашто работевме јас и брат ми и од која живееа нашите, но и уште други три други семејства, со апсењето на брат веќе ми немаше управител. Тој беше и управител и сопственик. Судот не дозволуваше три месеци да дојде нотар во затворот „Шутка“ за да ополномшти друго лице да биде управител. Трговска фирма која изведува објекти, намерно, без управител беше оставена да пропаѓа.
Една ноќ, ништо не укажуваше на тоа дека ми подготвуваат нешто, ме повикаа од ќелијата и ми наредија да си ги приберам работите и да се селам во друг Оддел. Не знаев каде одам. Ме однесоа во таканаречениот „Хашки оддел“. Тоа е дел кој е предвиден за притворени лица чии имиња се наоѓаат во хашките предмети. Ќелијата похумана и поголема, ама јас сам. Само еден кревет. Ме ставија во самица. Повторно страшна клаустрофобична криза. Ќе пукнев од мака. После некое време донесоа уште еден затвореник. Стар кумановец кој зборуваше исклучиво за пчели. Демек, дома чувал пчели. Кога не зборуваше спиеше, а спиеше по цел ден. И пак се чувствував како да сум сам во самица.
Овде условите беа ригорозни. Ни правеа претреси по неколку пати на ден. Не смеевме гласно да зборуваме. Бевме изолирани. На прошетка не пуштаа откако целиот затвор ќе завршеше со прошетките, а потоа само ние двајца и еден полицаец со нас. Психичка тортура. Реагирав кај директорот и барав од него да се смени таа изолација, иако знаев дека не е до него дека така му наредиле и дека може да ми намести физичка тортура. Но, изолацијата, неизвесноста, неправдата и измачувањето си го сторија своето. Веќе не размислував рационално. По некое време донесоа уште еден затвореник. Наркоман кој постојано бараше таблети „дијазепам“. Брзо замина за Идризово, а јас пак оставав со кумановецот.
И повторно се расравав со директорот. Барав нешто да се смени. Секој петок, судија, придружуван од директорот, ги посетува сите притворени лица и прашува за проблеми. Јас тие посети ги користев да барам почовечки услови за мојот престој таму. По извесно време донесоа еден човек од Струмица. Таксист. Возел емигранти. Со неговото друштво некако како да се намали изолацијата и деновите минуваа полесно, но стресот од изолацијата си го направи своето. Притисокот повторно ми беше многу висок, имав постојана тахикардија. Многу ослабев. Изгубив 15 килограми.
Цело време бев во состојба на стрес. Не знам што ме чека и до кога ќе трае тоа чекање. Кога последен пат понудивме гаранција во недвижен имот судот ни испрати допис да не информира дека гаранцијата може да послужи и за надомест на наводната штета. Сакаа да не исплашат дека целиот имот ќе ни го одземат и смејствата на улица ќе ни останат. Ние знаевме дека сме невини, но што ќе одлучи судот беше енигма.
И тоа со обвинителниот акт намерно се ставени измислени високи цифри како штета, оти ако решат да не осудат се што имаме, како имот, ќе ни го одземат и преку агенција за одземен имот се ќе распродадат: станови, куќи и коли од сите обвинети. Тоа мене многу ме измачуваше. Се што сум створил цел живот, не само јас туку и другите обвинети – сите бевме под закана за заплена.
Две недели подоцна, после тоа писмо, судот сам, без гаранција, ни го укина притворот. Тоа значеше дека сакаа да ни покажат дека кога тие ќе одлучат нешто, така и ќе биде.
Осум месеци притвор ми се сторија како 80 години. Секој месец продолжување на притворот за нови 30 дена и така до бескрај… Никаква логика не помага да се утврди до кога и каде е крајот на сето тоа што ми се случува. Веројатно до последна мисла, до последен мој здив….Така се чувствував.
Многубројните рочиштата течеа, како што беа закажувани, без одлагања поради отсуство на некој обвинет. Ниту еднаш не изостана ниту еден обвинет.
Во текот на судењето, додека сведочеше, почина сведок на одбраната. Тоа, доополнително, сите не растревожи. Беше добар човек. Сите ние, а и сведокот, никогаш порано немавме влезено во суд. Исказ пред суд беше голем стрес. Подоцна, во комбето, и мене ми се слоши, а кога стасавме во „Шутка“ ме изнесоа од комбето и ме оставија да седам во собата на чуварите за да се повратам. И кога се вратив во ќелијата бев многу растревожен. Уште долго не можев да се смирам. Бев бесен и беспомошен. Ми се вратија сеќавањата на мојот исказ пред судот кога едвај на нозе стоев, но издржав и одговарав до крај на сите прашања на судот.
Секој работен ден сопругата ми носеше пакет со храна. Затворската храна беше многу лоша. Лекови, батерии за транзистор, весници и нешто облека. Се случувало секојпат таа да чека по неколку саати за да ја предаде храната, бидејки за сите затвореници се носеа пакети. Студ, дожд…Ништо не можеше да ја спречи да ми донесе пакет. Знаев дека ако нема пакет за мене дека тој ден со неа нешто не е во ред. Нејзината мака беше поголема. Се грижеше да добијам пакет, мајка ми да биде згрижена, децата да ги информира и јавноста да биде информирана, адвокатите консултирани. И така секој божји ден. Додека сум жив ќе ја носам таа болка за нејзините маки во душата.
Притворските денови течеа еднолично. Секој работен ден после 14 часот , низ малото отворче на металната врата, два на два сантиметри, ни ги доставуваа весниците кои ги порачував и си ги плаќав. „Утрински весни“, „Слободен печат“ и „Вест“.
Читањето весници, какви такви, и решавање судоку беа главна мисловна активност во затворот. За судоку станав експерт. Кога ни дозволија да имаме часовници го мерев времето за најтешките задачи и секој ден се побрзо ги решавав. Ќерка ми, од Германија, ме снабди со книги со судоку задачи кои колку-толку ми го прекратуваа времето.
Секојдневниот ритам ми беше ваков: станував во седум часот, се миев, а потоа од стражарите барав да ми дадат огледало за да се избричам. Потоа ја метев собата: еднаш со сува, а потоа со мокра метла, по ова ќе исчокрев 1.000 чекори, во лев круг, па уште 1.000 чекори, во десен круг. Цимерите знаеа дека бројам, па не ме заговараа. Велеа: „Пушти го – брои!“. По ова пиев кафе. Две во едно. Со топла вода. Греевме на колонска вода, во садови од готова храна. Колонската вода ни ја доставуваа со пакетите. Мојата сопруга бараше да купи било каква, но со висок процент на алкохол, бидејки ја користевме како гориво. Редоцно добивав готова храна: ѓувеч, ќуфте во сос, грашок и потоа металните конзерви ги миев. Ми служеа како садови. Секако дека во делници во секој пакет имаше нешто зготвено од „Веро“. Домашно не беше дозволено. За се што се праќаше во пакетот мораше да има фискална сметка. Симит погачи и бурек еднаш неделно. Се разбира дека се што добивав делев со цимерите, не морав, ама не беше човечки на мал простор јас да јадам, а тие кои немаат секој пакети да ме гледаат. Така се создаде „цимерско братство“ без разлика на бекграундот и без разлика на причините за притворот. Среќа што во ќелијата немавме педофил. Цимерите, таквите редовно ги тепаа.
Секојдневно ме измачуваа мислите. Знаев дека сум невин и дека процесот е политичка пресметка со мене, се измачував секојдневно со мислата како е можно за политика да се седи во затвор и тоа во 21. век во Европа. Мислата дека заради мене уште седум други лица се во притвор ме оптоваруваше дополнително и ми правеше чувство на вина дека заради мојата политичка работа и други луѓе лежат притвор.
Со такви измачувачки мисли ми поминаа осум месеци притвор.
После излегување од притвор бев многу популарен и во партијата и опозицијата. Останав претседател на Совет на Општина Центар. Но, таа популарност беше контрапродуктивна за мене. Во Советот, набргу после притворот се организираше акција за моја дискредитација со тоа што јас постапувајќи според законот за просторно и урбаниситичко планирање дојдов до конфронтација со мојата матична советничка група и со Градоначалникот, па бев прозван како предавник. Уште еден голем срам за мене. Повторно без никаква моја вина. Само поради фактот што морав да го испочитувам законот станав жртва. Јас секогаш сум ги почитувал и ги почитувам законите без оглед дали тие се добри или не. Јас верувам дека ако законот не е добар треба да работиме на тоа да се смени, а не да го игнорираме и да не постапуваме по него.
Дефинитивно ги загубив сите позиции во пратијата и сето тоа поради неправедниот притвор и лажниот процес кој власта го водеше против мене.
На 11. јануари 2018 Основното јавно обвинителство го повлече обвинението и судот не ослободи од гонење!

( Крај)

Сеќавањата на поранешниот претседател на Општинската организација на СДСМ и претседател на Совететот на Општина „Центар“, (од 2013. до 2017. година), во периодот кога започна падот на режимот на Груевкски, „ПРАВОСУДСТВО.МК“ ќе ги објави во неколку продолженија – Онакви какви што ги доживеал и ги почуствувал и со своја рака ги опишал самиот Мирослав Шиповиќ.
Серијалот на Мирислав Шиповиќ воедно е и најава за нова книга во која ќе биде раскажана неговата и голготата на неговите најблиски.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here