МИРОСЛАВ ШИПОВИЌ: ОД МОЈ АГОЛ ( 2) „ЗА МАКИТЕ НИЗ КОИ ПОМИНАВ И ПОРАДИ КОИ СЕГА БАРАМ ШТЕТА“

0
663

На приемот бев третиран како и најдолен криминалец. Ми наредија да се соблечам гол. Ми наредија да клекнам и повторно да станам и така неколку пати. Облеката детално ми ја прегледаа и долниот веш, додека јас стоев ничкум гол пред нив. Ме упатија да примам пакет кој содржеше постелнина и прибор за јадење и хигиенски средства. Цело време зборуваа германски и ништо не ги разбирав, само по викањето сваќав дека треба да застанам. Ме однесоа во една соба. Мала соба со два кревети на спрат, посебно тоалет со туш. Поради мојата возраст, на човекот кој што веќе беше таму му наредија да се префли на креветот на спрат за јас да спијам на нискиот дел. Човекот беше Црногорец па се разбиравме. Но, излезе проблем тој бил од фамилија на четници, а јас Србин и ме гледаше како непријател. До нашата соба беа Мексиканец –крадец и Суданец- криумчар на дрога. Третманот кон мене беше како да сум криминалец, што во мене предизвикуваше голем срам и револт.
Во притворот во Корнојбург поминав 40 дена. Имав големи проблеми со здравјето, секој ден висок крвен притисок 170 со 110 и страшна несоница. Иако секоја вечер добивав течен „дијазепам“ од 15 милиграми, спиев само по 2-3 часа. Неизвесноста и немање на никакви информации што се случува? Што ќе се случи со мене? Како им е на брат ми и на моето семејство? Покрај тоа неразбирањето на тоа што ми го зборуваат, бидејќи не знам германски, непознавањето на прописите и процедурите ме правеше да се чувствувам крајно беспомошен, фрустриран и многу исплашен.
Од облека имав само тоа што го носев на себе кога ме приведоа. Немав ни веш ни ништо во што би се пресоблекол. Немав ни пари да се јавам од телефонската говорница за да прашам како се моите…Да им кажам дека сум жив. Дури после две недели ме посети сопругата и ми донесе веш и облека и ми стави пари на сметката во затворот па можев, во кантината, да купам телефонска картичка со траење од неколку минути, за да можам да се јавам каде и како сум, а и да купам нешто за јадење.
По некое време ме префрлија во друг оддел. Таму бев со притвореник од Словачка. Крадец по куќи во Виена, кој на беден руски јазик ми кажуваше дека во затворот има многу зли луѓе од Словачка и тој, од страв, ни на прошетки не излегуваше од ќелијата. Неговиот страв се пренесе и на мене и почнав да стравувам за себе и за сопствениот живот.
Секојдневно иста слика: Словакот беше повратник во затворот и си имаше свој ред, спиеше до доцна, а легнуваше после полноќ. Цело време гледаше телевизија и не даваше да се менуваат каналите. Јас германски не разбирав. Само седев и се измачував со мислите за тоа што ме снајде мене и моето семејство. Ме мачеше неизвесноста, немање на никакви информации за семејството, за обвинувањата.
Чувствував клаустрофобија од заклучувањето на вратите кои одвнатре немаа квака и можеа само од надвор да се отворат. Се гушев од страв, немав воздух, чувството на беспомошност и изолираност е ужасно и самото тоа е измачување. Редот беше таков: во седум часот ги отклучуваа собите, а во 15 часот ги заклучуваа.
Деновите минуваа, а немаше никој да ми каже што се случува до каде е мојот процес. Ме изведоа пред судија и јас барав веднаш да ме пратат во Македонија за да се бранам. Судијата двапати ме испрашуваше за да утврди дали да ме прати за Македонија или да се разгледа обвинението против мене во Австрија. Јас и во двата случаја инсистирав да ме испрати во Македонија за таму да се соочам со обвинението. Потоа следеа денови во кои немав никакви инфомации за одлуката на судијата. Чекав, а не знаев што и до кога. Секојдневна агонија. Дали ќе ме однесат во Македонија? До кога ќе бидам тука?
На 22. ноември 2013 година, на мое барање, бев екстрадиран од Виена во Скопје. За ова постојат и записници од тамошниот суд.

( Продолжува)

Сеќавањата на поранешниот претседател на Општинската организација на СДСМ и претседател на Совететот на Општина „Центар“, (од 2013. до 2017. година), во периодот кога започна падот на режимот на Груевкски, „ПРАВОСУДСТВО.МК“ ќе ги објави во неколку продолженија – Онакви какви што ги доѓивеал и ги почуствувал и со своја рака ги опишал самиот Мирослав Шиповиќ.
Серијалот на Мирислав Шиповиќ воедно е и најава за книга во која ќе биде раскажана неговата и голготата на неговите најблиски.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here