ИНТЕРВЈУ: Рикардо Хинохоса, Федерален судија на САД: ”Судството не треба да држи ничија страна”

1
427

„Имаме многу силно мислење во Америка за потребата од независност на судството и фактот дека судиите одлучуваат врз основа на законите и Уставот“

 

Македонија е соочена со силен предизвик да направи сериозни реформи во правосудниот систем. Но, и по речиси 27 години од независноста, многу законски измени и реформи, вложени многу пари од домашни и од странски донатори се уште имаме неефикасно и исполитизирано судство. Со оглед на Вашето богато судиско искуство каков совет би им дале на македонските судии, но и на властите?

Јас никогаш не сум бил обвинител, бев правник, а потоа станав судија во федералниот систем и можам да зборувам од аспект на моето искуство во федералниот систем на судството на Америка. Советот што би можел да го дадам за секоја земја е ист: судството мора да биде независно! Ние, во САД. имаме извршна власт што е очигледно претседателот, законодавна власт претставена од Конгресот и кога ќе се вратиме назад во историјата ќе видиме дека имаше голема дискусија на првата уставна конвенција за судството и потребата за независен и фер судски систем. На конвенцијата било одлучено дека начинот за постоење на независно судство е судство во кое судиите ги номинира претседателот, а ги потврдува Конгресот, преку Сенатот. Но, без оглед на тоа дека судиите се номинирани од претстедателот и потврдени од Сенатот, независноста треба да биде заштитена, а судиите се тие што ќе ги носат одлуките врз основа на законите и Уставот. Затоа и мојот совет за било кој систем, вкучувајќи го и македонскиот е дека треба да осигурате независно судство, бидејќи е важно јавноста да знае и чувствува дека судството не држи ниту една страна и дека сите ќе бидат подеднакво третирани во согласност со законот и Уставот. Кај нас, пред да биде избран некој за судија, се прават многу проверки. Истрагата е комплексна и темелна и треба да се пополнат многу податоци во врска со финансиите, вработувањата, каде сте живееле… ФБИ ги проверува сите податоци, оди во местото каде што си живеел и учел и доколку е се во ред, претседателот ќе те номинира. И Сенатот исто така има многу прашалници, така да и тие прават своја независна истрага. Јас бев назначен од претседателот Роналд Реган. Вообичаено, претседателот на Америка бара член од истата политичка партија од која што е самиот, но без разлика дали е демократ или републиканец, тие мора да бидат многу внимателни во врска со личноста која ја предлагаат. Бидејќи номинираната личност ќе мора да помине низ сеопфатен процес на оценка и затоа се важни неговите лични и професионални квалитети. Иако како судии го цениме фактот дека Претседателот не номинирал и Сенатот не потврдил, на крајот нашата обврска е кон граѓаните на Америка, а не кон претседателот или Конгресот. Ние го сфаќаме тоа многу сериозно. Кога јас бев избран, а доаѓам од област која не е баш републикански настроена, имаше илјадници луѓе на заклетвата Им се заблагодарив на сите, вклучувајќи ги и Претседателот и Сенатот за препораката но завршив со зборовите дека се надевам дека сите оние со кои што сме биле заеднички инволвирани во политика, ќе разберат дека ќе носам одлуки кои немаат никаква врска со моите политички гледишта. Имаме многу силно мислење во Америка за потребата од независност на судството и фактот дека судиите одлучуваат врз основа на законите и Уставот.

Во нашиот случај се покажа дека не е доволно тоа што судиите имаат траен мандат и што платите им се далеку над македонскиот просек. И нашите судии се колнат во Уставот и законите, па сепак, граѓаните имаат најмала доверба во судството и бараат реформи.

Во нашиот систем, ние веруваме во федералниот систем и во одлуките на судиите. Во Македонија доаѓам по петти пат и слушам многу дискуии за важноста на независноста на судството и потребата тоа да не биде поврзано со политичка група. Сметам дека е добро што се отвараат овие прашања и се бараат решенија.
Нашиот судски систем во многу работи е поразличен од вашиот. Во Америка имаме и дисциплински правила кои се многу важни. Се викаат кодекс на однесување или етички правила. Слични се на принципите во повеќето земји. Конкретни се за ситуации кога судијата треба да се повлече, кога си роднински поврзан со некого или кога имаш финансиски интерес. Ова го сфаќаме многу сериозно, бидејќи сакаме јавноста да биде сигурна дека секој може да добие фер судење. Ние веруваме во распределбата на предмети по електронски пат и по случаен избор. Цврсто веруваме дека ниеден судија не е избран поради некоја посебна причина или некаков личен интерес. Доколку судијата случајно познава некого и постои и најмал сомнеж дека ќе биде пристрасен, треба да го одбие случајот.

Може ли да се избегне замката при промена на власта, дел од оние судии што биле пристрасни кон една политичка гарнитура, сега од најразлични мотиви да се „престројат“ и да станат силно оружје за политички реваншизам?

Жалам што слушам дека постои чувство дека судиите се престројуваат. Не знам дали тоа навистина се случува или не, но во нашиот систем нема битна промена дали имаме нов претседател или нов Конгрес или, пак, тоа да е причина судиите да почнат да се однесуваат поинаку. Граѓаните можат да се жалат за нас, но тие жалби се поднесуваат во судството,а не кај Претседателот или Конгресот. Имаме поставено сопствен судски систем кој се темели на Уставот и законите. За нас е непознато да се носат одлуки врз основа на тоа дали новиот претседател е од друга партија, затоа што сме независни, имаме доживотен мандат и плата која не може да биде намалена. Затоа наш интерес е да судиме независно и граѓаните да ја почувствуваат нашата праведност.
Сметам дека е загрижувачки доколку има такви појави и за тоа треба да има поширока дискусија. Јас мислам дека судиите имаат волја да ја праватвистинската работа и сметам дека треба да имаат слобода да го прават тоа, без да имаат грижа дали се сменила власта, бидејќи тоа не треба да има влијание на нивните одлуки.

Како да се повлече јасна линија меѓу тоа што претставува слободно судиско убедување и од друга страна злоупотреба на службената должност, бидејќи во еден предмет на Специјалното јавно обвинителство беа обвинети неколку управни судии токму за злоупотреба на службената должност?

Во нашиот систем, ако нешто е погрешно направено за време на судењето, апелациониот суд ќе го исправи. Дури и да си пристрасен во судењето, кога случајот ќе стигне до Апелациониот суд, судот ќе каже дека според законот не си во право и има или нема доволно докази за да донесеш таква пресуда. Цврсто веруваме дека доколку некој постапил спротивно на законот за време на судењето, одлуката ќе биде преиначена од Апелациониот суд. За нас е важно нашата одлука да не бидевратена на повторно одлучување, па затоа не сакаме да правиме нешто незаконски или да го игнорираме законот, бидејќи тоа е важно за нашата лична репутација како судии. Доколку немате јавна верба во системот и во независноста на судството, тоа е нешто што мора да се развива. Од моја гледна точка, како судија се грижам јавноста да има добро мислење за она што ќе се случи во мојата судница и сакам нивниот адвокат да може да има каже дека без разлика кого знаете судијата го следи законот.

Со оглед на тоа што често доаѓате во Македонија, верувам дека сте запознати со аферата за масовно прислушување што ја отвори поранешната опозиција, а сегашна владејачка партија, но и за дебатата околу тоа дали може незаконски снимените материјали да се користат како доказ во кривична постапка. Каква е американската пракса околу ова прашање и како да се воспостави баланс меѓу јавниот и личниот интерес? 

Не ми е многу познато, бидејќи не ги знам фактите. Слушнав нешто за тоа, но би ми било тешко да го кажам личното мислење за она што се случило или не се случило, но би кажал дека во нашиот систем доколку има информации за прислушување кое би се сметало за незаконско, има гаранции како тие би се искористиле или не би се искористиле против луѓето кои го правеле тоа незаконски а не против оние кои се нелегално преслушувани. Убеден сум дека доколку постои независно судство,кое не зависи од извршната и законодавната власт, тоа ќе се реши соодветно.

(ГОРДАНА ДУВЊАК)

1 коментар

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here