СЛУЧАЈ „ТЕНК“: НОВА „ПИНГ-ПОНГ“ ПАРТИЈА НА АДВОКАТИТЕ НА ГРУЕВСКИ И ЈАНКУЛОСКА

0
948

Адвокатите на тројцата обвинети побараа судот ја исклучи јавноста, но ваквото нивно барање беше одбиено од кривичниот совет на скопска „единица“

 

Цели два часа трае формалниот распит на распитот на Киро Тодоровски, екс-шеф на кабинетот на Гордана Јанкулоска, првообвинета во случајот наречен „Тенк“, но реално, повиканиот сведок не зборуваше повеќе од десет минути.
Имено, и денешното судско рочиште минува во стилот на досегашните, односно во разно-разни барања на адвокатите на обвинетите Гордана Јанкулоска, Никола Груевски и Ѓоко Поповски. Редовната „пинг-понг“ партија на тимот адвокати започна со приговор упатен на сметка на сведокот, кој од 2012 година, е вработен во Агенцијата за разузнавање и согласно природата на работата тие искажаа „страв“ од изнесување на тајни или на сознанија кои се базираат на класифицирани информации, а потоа беше побарано и исклучување на јавноста.
Ваквите барања на бранителите, а пред се на адвокатите Боро Тасевски и Димитар Дангов, беа одбиени од судот со појаснување дека сведокот Киро Тодоровски, во Специјалното јавно обвинителство, веќе дал исказ и дека во таа прилика не биле изнесени службени тајни.
По донесеното судско решение одбраната пристапи со нова серија прашања кои се однесуваа на технички перформанси на „мерцедесот“ од 600.000 евра, а потоа и со барања да можат на сведокот да му поставуваат директни прашања, односно распитот на Тододовски да не оди исклучиво со вкрстени прашања.
Инаку, сведокот Киро Тодоровски е поранешен шеф на кабинетот на Гордана Јанкулоска и член на комисијата за набавка на спорното, предметно возило за кое, од таканаречените „бомби“, може да се слушне дека е нарачано од сега второобвинетиот Никола Груевски.
Она што на овој случај му дава посебен тон е сознанието дека Киро Тодоровски се јавува како обвинет во предметот „Титаник“, каде треба да одговара за изработка на двојните лични карти, а како негов бранител се јавува адвокатката Сања Алексиќ, која во исто време е и адвокат на првообвинетата Гордана Јанкулоска.
Судењето продолжува со распит и на другите членови на комисијата за набавка, а само оваа недела овој судски предмет ќе има уште две рочишта.

(Љ.Станковиќ)

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here