ОБВИНИТЕЛСТВОТО СО ИСТРАГА ЗА ВРАБОТЕН ВО УЈП ЗА ПРИМАЊЕ ПОТКУП

0
358

Со кривичната истрага на Обвинителството, освен даночниот инспектор од УЈП, опфатени се уште две други лица кои сега се сомничат дека помагале во поткупот од 5.000 евра

Само два дена по апсењето на даночен инспектор во Управата за јавни приходи, Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истрага за осомничениот за кривично дело: примање поткуп, а за две други лица за помагање при примање на поткуп.
„За првоосомничениот постои основано сомнение дека како службено лице, даночен инспектор во Управата за јавни приходи при Министерството за финансии-Регионална дирекција Скопје, индиректно, преку второ и третоосомничените лица, побарал парични средства во износ од 5.000 евра од сопственик на едно правно лице. Парите ги примил, а за возврат требало да не изврши службено дејствие што морал да го изврши, односно да направи дополнителни и детални контроли на даночниот субјект по однос на пресметката за плаќање на даночната обврска“, појаснуваат од Обвинителството.
Нему, во извршување на делото, со умисла му помогнале второ и третоосомничените лица, сопственици на сметководствено биро од Скопје, со совети и упатства, но и со директно посредување во комуникацијата со оштетената со која се познавбале од порано. Тие, во понеделникот, организирале средба, во еден угостителски локал во катната гаража „Зебра“, во скопската населба Капиштец. Сега оштетената на даночниот инспектор му дала 5.000 евра, односно десет банкноти во апоени од по 500 евра. Банкнотите, претходно, биле крим-технички обработени од полицијата. Осомничениот ги ставил парите во џебот од палтото, но бил уапсен во моментите кога го напуштал угостителскиот објект.
„Со оглед на проценката дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, постои основан страв дека осомничениот ќе ги сокрие или уништи трагите на кривичното дело и ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците, како и особените околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, се вели во соопштението на Обвинителството и притоа се појаснува дека за другите двајца осомничени биле предложени мерки на претпазливост, односно забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште, повремено јавување кај надлежен орган и времено одземање на патната исправа.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here