ЗА ЏИПОВИТЕ И СПИНОВИТЕ

0
936

Разрешувањето на директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазе Велковски, беше главна вест во неделава што изминува, откако на негова адреса беа испорачани еден куп обвинувања.
Разрешувањето на Велковски од „втората позиција“ во Министерството за внатрешни работи уследи по информациите дека тој си позајмил службен џип и со него си ја испратил ќерката и нејзините другарки на летување во кампот „Евридики“, во близна на грчкиот град Катерини.
За министерот Оливер Спасовски, по чиј предлог до Владата и дојде до разрешување на Велковски, веќе е небитно дали ќерката или некоја од другарките го возела белиот „ренџ ровер“ или не. Самиот факт што некој си дал толкава слобода да испраќа службено, полициско возило на пат за приватни потреби е сосема доволно за разрешување од функција.
Несомнено дека падот на Велковски требаше да предизвика „домино ефект“, по објавата дека и шефот на полициските „алфи“, Примислав Димовски, со службено возило, се упатил на приватна прослава во Охрид.
За овој „случај“ беа обезбедени и објавени фотографии на кои се гледа Димовски како го управува службеното возило, но беше потребен само еден ден за да се констатира дека вториот случај не е никаков скандал, туку најобичен спин кој требаше да и се сервира на јавноста.
За случајот на Велковски, јавноста никогаш не беше информирана кој тоа, а за потребите на еден он-лајн медиум, успеал во три наврати да го фотографира полицискиор „ренџ ровер“ и згора на се да сними видео материјал откако возилото преминало на грчка територија. Јасно е дека денеска секој може да снима и со мобилен телефон, но тешко е да се поверува дека некој новинар така лесно ги препознава возилата на МВР, па и нивните регистарски таблички. Новинарско следење на едно такво возило и тоа во странство може да се случи само во бајките!
Оттука и заклучокот дека некој „од внатре“ го следел и го снимил џипот на МВР, а потоа снимката и фотографиите и ги доставил на медиумот кој, пак, тоа ќе го искористи за политички цели.
„Случајот“ на Примислав Димовски требаше да биде продолжените на претходната приказна, но се покажа дека се работи за лошо подготвен спин.
Сега, кога се виде дека објавеното за Димовски не е ни близу до скандал, треба да се истражи кој доставил фотографии до медиумот или новинарот и зошто никој не ја проверил веродостојноста на информацијата, според која тој заминал на свадба со службено возило?!
Министерството за внатрешни работи треба да поведе малку повеќе грижа за сопствениот авто-парк, за луѓето кои без некоја потреба ги користат службените возила, но и за оние кои тајно ги снимаат цивилните возила на полицијата.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here